Германскиот шмек на македонската политика

пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Заев никако да ги симне чевлите со кои прави чекори од седум милји низ македонската политичка џунгла. ВМРО сѐ уште се тетерави по нокаутот, откако Заев самиот го постави на гласање прашањето за доверба на владата (преседан во меѓународни рамки). По неколкумесечните закани на Мицкоски дека е на чекор до парламентарно мнозинство, не само што се покажа дека такво нешто нема, туку опозицијата не смогна сили и храброст да крене ниту еден црвен картон во парламентот, па изгуби со 62:0 во краткиот политички јуриш на Заев. Скромно, без ликување, Заев ја прифати оваа политичка победа (уште една во долгата низа) и без двоумење фрли уште една бомба за да ја раздвижи македонската рововска политика. Ѝ даде германски шмек на македонската политика. Уште еден преседан!

ВЛАДА НА НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО! Со тукушто потврден мандат на владата во парламентот, со повеќе од три години владеење пред него, Заев ширум ги отвори портите на својата влада за опозицијата. Се разбира, за тие со кои може да се разговара, при што, логично, го издвои Мицкоски и го дисквалификува. Тоа, би сакал да верувам, ја подразбира целата братија околу тронот во командната кула на партијата која во ниеден момент не се откажа од своето мрачно минато (и сегашност).

Зошто Заев би го направил ова? Кои се опасностите по демократијата и прогресот? Како една влада во која се наоѓа ВМРО, ќе се одрази врз суштинските реформи поврзани со правдата, образованието, интеграциските процеси и концептот „Едно општество за сите“?

Прво, тоа ќе биде процес. Низ тој процес, и на вмровците ќе им се укаже шансата да направат временски скок од 19-ти во 21-ви век, да се спасат и да станат вистински европска конзервативна партија, а не дувло на ултранационалисти, насилници со криминално досие и антизападни пропагандисти. Тоа секако ќе ги раздвижи и другите политички ровови, на двете страни од политичкиот фронт, бидејќи СЕКОЈА ПАРТИЈА ЌЕ МОРА ДА ГО ДАДЕ НАЈДОБРОТО ОД СЕБЕ за да учествува во влада на националното единство.

Две децении пишуваме и покренуваме иницијативи и проекти за политичко помирување и дијалог. Конечно, се најде некој тоа и конкретно да го предложи на највисоко политичко ниво. Уште еднаш: наспроти комотната позиција во која се наоѓа, со уште три години мандат пред него!

Што ќе се постигне со влада на национален спас? Прво, ќе се откочат законодавните процеси од високо стратешко значење за целата држава, пред сѐ реформите за кои сите ги очекуваме, за да излеземе од сенката на режимот и изолацијата. Понатаму, одговорноста за најтешките и најважните државни проекти ќе биде споделена, а со тоа и заслугите од успехот. На тој начин, ќе се создадат услови за надминување на политичката шизофренија од која страда ВМРО со децении и можеби ќе се извлече од канџите на антидемократските центри на моќта. Партијата што ја формира Љубчо Георгиевски на крајот на 80-те години од минатиот век, ќе се спаси од понатамошно тонење и ќе добие шанса да стане државотворна.

Под услов да им се спушти рампата на неофашистите и криминогените елементи во парламентот, една Влада на национално единство (или спас, кој како милува) ќе ја придвижи земјата во правец на обединување околу европските вредности. Таква влада ќе изнајде најдобри решенија за излез од ковид-кризата без непотребни блокади за стекнување валкан политички профит.

Ќе се отворат вистински дебати и тоа на маса, во владата и во парламентот, без зла крв, а црната пропаганда и Фејсбук/Твитер војните на зборови ќе стивнат. Со ваква влада, се отвора можноста сите заедно да ги прифатат и поддржат, а со тоа да бидат и заслужни за утврдување на стратешките правци на државата (Преспанскиот договор, ЕУ, НАТО, антинационализмот, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи…).

Децениската соработка на неприкосновената германска канцеларка Ангела Меркел (до скоро на чело на демохристијанската ЦДУ), со социјалдемократите (СПД) е најдобар пример за тоа како политиката може да ги обедини луѓето и да ѝ донесе колосални, историски успеси на Германија во секоја смисла на зборот.

Дали оваа понуда од Заев е премногу невообичаена? Не е. Тој во двете владини гарнитури што ги предводи од средината на 2017 година до сега, вклучува кадри кои не се исклучиво од неговата партија. Во неговото опкружување има голем број експерти и лидери од граѓанскиот сектор, како што се Бојан Маричиќ, Марјан Забрчанец, Мила Царовска, Ирена Стефоска и низа други. Заев ја покажа широчината и со поставување на луѓе од политички партии кои се расеани низ целиот политички компас. Така, Никола Димитров е, всушност, од редовите на ВМРО. Таков пример е и Венко Филипче. И Љубе Бошкоски (Обединети за Македонија, екс-ВМРО) е дел од кабинетот на Заев. Тој се покажа ултра отворен, да не кажам премногу дарежлив, и кон коалициските партнери, особено кон помалите, кои деновиве се „закитија“ со статусот „независни“ во парламентот.

Дали има опасности? Да. Зависно од тоа кои сѐ вредности, определби, стратешки правци и проекти ќе бидат ставени на преговарачката маса за формирање на една таква влада, за национално единство/спас, ќе се види и како ќе се движи земјата понатаму. Мултикултурализмот (Едно општество за сите), еднаквоста, инклузивноста, правдата, безусловно почитување на човековите права и слободи… Накратко, обединување околу европските и зелените вредности, без условувања и трговија со духот на мултикултурализмот и прогресот – тоа ќе ѝ даде германски карактер на оваа голема идеја.

На потег се оние што тврдат дека ги интересираат македонските државни интереси, а не политичкиот профит, парите и моќта.