Фронтално против вирусот на современиот свет – лажните вести

пишува: ЗОРАН ИВАНОВ

Интернетот и другите нови дигитални чуда, како и секоја развојна технолошка револуција така и оваа, на човештвото му донесоа и многу благодати, но и многу главоболки. Само со една најприватна алатка, мобилниот телефон и со помош на интернетот како современо транспортно средство достапни секому од три до стои и три години, во миг човештвото се преобрази од консумент на информации во создавач на информации.

Поради овие технологии, поради најшироката достапност до мноштвото вести, од една страна  со луѓето се потешко може да се манипулира. Но од друга пак, истите тие консументи се во можност и да создаваат автентични вести ама и да пласираат и лажни и манипулативни информации. Така во еден плурален демократски општествен амбиент традиционалните медиуми добија силна конкуренција како во безбројните веб портали така и кај секој граѓанин одделно како потенцијален сосозадавач на вести. Во еден таков галиматијас на можности за правење и за пласирање на вести, во една таква нелојална конкуренција спрема традиционалните медиуми, а во настојувањата да се добие на читаност преку атрактивност, но и во намерни подметнувања лаги од лукративни мотиви, од најбанални карактерни хирови на нивните создавачи, па сѐ до добро смислени и стратегиски планирани специјални војни, општествата, па и  нашето, се соочени со проблем наречен лажни вести.

Државите од поодамна отворија фронт против појавата на лажни вести. Еве, добро е што и нашата влада, конечно, смислено и стратегиски се вклучува во тие настојувања на своите граѓани, на институциите и на целото општество да му создава амбиент, да се заштитува од лаги и од нивните последици.

Стратегијата во најава што владата ја промовираше е сеопфатна, целовита и ги вклучува сите сегменти на општеството. Преку институционални активности до ангажирање на граѓанскиот сектор со промовирање едукативни програми за препознавање лажни вести. Целта да се создаде широк фронт против вирусот на современиот свет.

Секако најголемата одговорноста за вистината и натаму е кај институциите и кај редакциите во традиционалните медиуми. Инертноста на службените извори на информации, нивната затвореност и спорост го овозможуваат, го отвораат  просторот за манипулации. Новинарите и новинарството се немоќни доколку пристапот до автентичните информации им е оневозможен од страна на државните органи и институциите. Оттука и појавата на претпоставки и шпекулации и оттука и одговорноста на институциите за навремено и точно информирање на јавноста. Но и обврска и одговорност на новинарството, на медиумите и нивните уредувачки политики за автентичност и за вистинитост.

Стратегијата што владата ја промовираше против лажните вести може да успее ако се спроведува без здив, континуирано, долгорочно и доколку, како што и самата најави, сеопфатно, најшироко со вклучување на сите општествени чинители. Особено ако се потпре на искуствата на највиталниот сегмент, на граѓанскиот сектор. Тој да биде главниот едукативен тренинг центар кој, судејќи и според досегашните искуства и  практики, има и мотиви и капацитети и може да го понесе лавовскиот дел од товарот во борбата против современото зло – лажните вести.

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.