„Во однос на тврдењата за евентуално укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите, укажуваме дека станува збор за целосни невистини и манипулации. За жал, овие написи доаѓаат токму во годината на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашиот патрон и професор, Блаже Конески, и 75-годишнината од основањето на Катедрата за македонски јазик и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Акад. Блаже Конески беше член на нашата катедра од нејзиното основање и поради огромната почит што ја имаме кон личноста и делото на нашиот професор, тој е одбран за патрон на институцијата. Затоа да не дозволиме неговото име наместо да нѐ обединува да нѐ разединува.
Изразуваме цврста убеденост дека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност. Истовремено ја уверуваме македонската јавност дека доколку некој поединец или институција би се осмелиле да посегнат по интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се заложиме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини“ стои во отвореното писмо на факултетот.
Потписници на отвореното писмо се:
проф. д-р Лидија Аризанковска
проф. д-р Славица Велева
проф. д-р Катерина Велјановска
проф. д-р Татјана Гочкова-Стојановска
проф. д-р Анета Дучевска
проф. д-р Марјан Марковиќ
проф. д-р Димитар Пандев
проф. д-р Искра Пановска-Димкова
проф. д-р Марија Паунова
проф. д-р Симон Саздов
проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска
проф. д-р Томислав Треневски
проф. д-р Емилија Црвенковска
доц. д-р Гордана Алексова
м-р Бобан Карапејовски
м-р Бојан Петревски
Реакцијата доаѓа откако претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев изјавил дека ќе се укинуваат Катедрите по македонски јазик и македонска книжевност, за време на кординативниот онлајн состанок со стручната јавност, по повод Усвојувањето на националната програма за релизација на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.
„Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвика, што го знаат подобро поупатените од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци ширум светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам“, изјави Коцарев.
Од Катедрата велат дека остануваат посветени на својата мисија во афирмацијата на македонскиот јазик и неговото научно проучување, како и во образованието на млади кадри македонисти што со нивна помош ќе го почитуваат и ќе го продолжат делото на Конески, во нашата средина и на меѓународен план.
Д.М.