„Фантомите“ го сардисаа Ресен!

Избирачкиот список е затворен на синоќешната седница на ДИК, но не само што не е исчистен, туку е преполн со идентитети коишто реално не живеат во општина Ресен. Доколку не се преземат мерки навреме, ќе се појават и овој пат, на денот на изборите, за да гласаат за владејачката партија, како што впрочем, правеа и на последните избори во април 2014-та година.

Ова се стравувања и реакции на граѓани од Ресен, кои секојдневно се обраќаат до ЦИВИЛ-Центар за слобода, барајќи решение и помош. Тие тврдат дека најголем дел од лицата -„фантоми“ се жители на Мала Преспа, коишто организирано доаѓаа од Албанија и гласаа на последните избори. Tие се сомневаат дека приказната ќе се повтори и овој пат.

„Фантоми“ во Ресен

„На иста адреса, во една куќа во центарот на Ресен се евидентирани дури седум 'фантоми'. Во оваа куќа живее четиричлено семејство, родители со две малолетни деца и сите ресенчани ги познаваат. Секој знае дека овие идентитети се лажни, значи, не живеат на таа адреса и дека некој намерно ги впишал на оваа адреса. Кога не може ДИК да ја изврши корекцијата, тогаш, ќе треба да се преземат конкретни чекори, да се следи гласањето на Избирачко место 1644, дали ќе се појават лица со вакви идентитети. Не смее да се дозволи повторно изигрување на законите!“, велат нашите извори.

Во друга куќа, која му припаѓа на познато ресенско семејство, а гласа на ИМ 1639, евидентирани се 11 фантомски гласачи.

„Сите тие се жители на Мала Преспа, кои доаѓаат за избори овде во Македонија. Последниот пат доаѓаа со автобуси, ги фотографиравме и пријавувавме, но без ефект. Се надевавме дека ќе бидат избришани, но тие и натаму стојат во Избирачкиот список“, забележуваат ресенчаните со кои разговаравме.

fantomi-vo-rsn-ovaa

„Фантоми“ во Ресен

Наши извори тврдат дека од евидентираните 16.568 гласачи во општина Ресен, околу 1.000 се идентитети коишто успеале да дојдат до валиден документ во МВР, но дека тие не се жители на општината. Појавата на фантомски гласачи е изразена во руралните средини.

Според ДИК, не може да се бришат „фантомите“ од Избирачкиот список, затоа што станува збор за лица кои што имаат валидни лични карти.

„Тие не се фантоми, туку лица, граѓани коишто реално имаат валидни документи. Не може ДИК да ги брише од Избирачкиот список и ДИК нема механизам за да го решава тоа прашање. Беа спроведени повеќе активности за прочистување на Избирачкиот список, и секој граѓанин можеше да пријави неправилности, рокот измина“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Љупка Гугуческа, од одделот за односи со јавност на ДИК.

Моника Талеска