Абидин Абдули, член на правниот тим на Алијансата за Албанците, во името на партијата изнесе сериозни обвинувања за однесувањето на ДУИ за време на изборите во ИЕ5 и ИЕ6. Особено проблематични биле избирачките места во родното место на лидерот на ДУИ, селото Зајас, кичевско и општината Долнени.
Абдули најавува кривични тужби против сите членови на Избирачките одбори кои дозволиле да се случи кражбата на гласовите во споменатите подрачја. Велат дека, и да изгубат од ДУИ, но со реалните гласови што им припаѓаат, би имале еден пратеник повеќе во Собранието. Инсистираат да се отвори барем една избирачка кутија во Зајас, каде што гласа Али Ахмети или Муса Џафери. Ако таму гласале само оние што се во Избирачкиот список, а не починати или иселени, тогаш се спремни да ги повлечат сите приговори и кривични пријави.
Абдули сведочи и за огромни притисоци и закани што ги врши ДУИ врз партиските набљудувачи и членовите на избирачките одбори, да не кажат што точно се случувало на избирачките места на 15 јули. Според него, да немало гласање на починати и на лица што не се во земјата, излезноста на тие места немало да биде ни 10%, а не близу 40%. Тој во детали ја опиша измамата за која тврдат дека се случила на денот на гласањето.
ДИК, според Абдули, целосно го игнорира барањето од партијата да се вклучат нејзини членови во избирачките одбори цел месец пред да се одржат изборите. Според нашиот соговорник, ДИК ни еднаш не одговорила.
Џабир Дерала
камера и монтажа: Ариан Мехмети