Борјан Ефремов, претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, на панел дискусијата „Млади, перспективи…“ во организација на ЦИВИЛ, истакна дека младите и во нормални услови се соочуваа со проблеми, особено студентите, а уште со поголеми проблеми се соочија за време на пандемијата.
„Кога нè затече кризата свативме дека УКИМ не е дигитализиран, туку како некој средновековен универзитет и така функционира. Но, изненадувачки е тоа што за кратко време речиси 80 / 90 отсто од студентите се префрлија на онлајн учење. За изненадување, Универзитетот добро се справи со првиот бран. Кога започна кризата, ние немавме функционално Министерство за образование, со министерот Арбр Адеми никогаш не остваривме средба.
Летниот период не се искористи за подготовка за учебната студентска година од септември. Повторно се создаваа гужви и редици за плаќање на непотребни работи за кои Универзитетот не треба да ги наплаќа, а сепак ги наплаќа, како што се плаќа по 750 денари за информативни културни и спортски активности (ИКСА) за време на пандемија кога нема никакви културни и спортски активности, се наплаќа од 3 до 6 илјади денари за диплома, а тоа е само едно парче хартија“, вели Ефремов.
Тој додаде дека на 15 февруари очекува дека ќе има дигитална платформа за учење, и се надева дека ќе се подобрат и работите во однос на администрацијата, бидејќи гледа дека има придвижување на новото раководство на МОН.
„Системската опресија функционира така да те осакати до тој степен да не можеш да кажеш дека си опресиран. Младите немаат можност да му се спротивстават на системот кој ги дискриминира“, вели Ефремов.
Тој потенцира дека од цела Европа, само нашата земја нема Европска студентска мрежа за размена на студенти и на 13 март имаа состанок за формирање на таква мрежа. Инересно е тоа што истиот ден беше донесена одлука да се затворат Универзитетите.
„ЕРАЗМУС + програмата е најуспешна програма во рамки на ЕУ бидејќи имаме мешање на различни идентитети и култури и така се надградуваме и ние самите и тие околу нас. Ние ја прикажуваме нашата култура и држава во ЕУ, меѓутоа и се збогатуваме со други култури и традиции. Студентската размена е од исклучително значење не само поради образованието и науката туку поради мешање на културите“, рече Ефремов.
Д. Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Трпе Стојкоски
фотографија: Горан Наумовски