Дупки во водата, кули од карти, лаги, веслање­ и достоинство

Со одамна добро развиениот систем на „јавки“, со пренесување пораки од човек на човек, во конспирација што веќе и не е толку непробојна, подземната машинерија на ВМРО-ДПМНЕ води кампања под радарот на законските ограничувања. Се разбира, најдобро ги знаат дупките во законите, бидејќи самите ги направиле. А „некој“ не запнал и не ги пополнил, за да може да вози системот по рамен пат.

Џабир Дерала

Тоа „некој“ знаеме што значи: сите тие што ги креираат и спроведуваат законите и сите што се китат со звања и позиции на пратеници, министри, партии, советници, експерти, невладини, лонци, тенџериња, трактори и бандери... Користејќи ги сите дупки во законите што нивните пратеници и други партиски функционери ги копаат во парламентот и во работните групи за пазарење со ноншалантната ни власт, вемерото може да прави практично сѐ што сака.

Денеска сакам да зборувам за еден пример како функционира пропагандата, надвор од демократските стандарди, надвор од етиката, а на самите граници на законското. Пред неколку дена (25 март), вемеро организираше настан во Штип, типичен за политичка кампања, јавен собир на кој се промовираше госпоџа професор доктор Силјановска-Давкова како претседателска кандидатка. Таа си одржа и говор, типичен за политичка кампања, се сликаше за во пропагандните и навивачките фејсбуци и си заврши работа како да е среде законски дозволена кампања. Со сите иконографии, со сиот негаторски говор, прикриен и помалку прикриен говор на омраза по сите можни основи, целата политичка небулоза што може да се замисли...

Извесно е дека жителите на овој голем и важен град во источниот дел на нашата земја беа организирани, беа повикувани и дојдоа на собирот. Немало јавен повик, ме брифираат правниците. Што е јавен повик во денешно време? Оглас во весник? Соопштение? Хм, склони сме да се држиме до традиционалните форми на толкување на сосема нетрадиционалните форми на политичко дејствување и пропагандата што најчесто се во сивата зона. Сивата кон црната, ме разбираш, Блажо...

Законот вели дека политичката кампања може да започне 20 дена пред денот на гласањето, односно на 1 април. Но, законот има дупки како швајцарско сирење, па тие дупки се користат за жестока и непрекината кампања. Едноставно, луѓето немаат мир. Ги влечат по собири и понатаму, партиските солдати ги бомбардираат со пораки на социјалните мрежи, политичарите ветуваат и не исполнуваат, се мајтапат, лажат и крадат, а неретко си играат и со оган од кој само обичните смртници ќе се изгорат...

Разочарувачки е што универзитетска професорка по Уставно право, Политички систем, Модели на демократија и едно чудо други предмети, гази по етиката и користи дупки во законот. Не е в ред, навистина! Да ги оставиме за миг настрана сите определби, сите оцени дали се работи за деструктивна или конструктивна програма, прозападна или проруска ориентација, национализам или патриотизам... Еве, да го проголтаме сето тоа, ама да се користат дупки во законот и да се постапува неетички, не би требало да си дозволи некој со толку универзитетски титули и позиции. Едноставно, тоа е многу неубаво, недостоинствено... Предолго го гледавме тоа и го носевме на нашите плеќи, натоварени од едни, други и трети, а најмногу од оние што само менуваат бои и капи...

И, додека медиумите ја тераат старата песна, а невладините фолиранти остануваат во удопствата што им ги овозможуваат „научниот пристап“ во здодевните проекти без смисла и ефект, животот на луѓето останува во рацете на газдите во најпрофитабилниот бизнис во оваа земја – политиката.

Кога ќе појдам на работа, на колегиум ќе предложам да се испрати соопштение за јавноста во кое ќе ја алармираме јавноста за овој настан, ќе ги повикаме институциите и партиите да постапуваат според законот и да ги остават луѓето на мира, ама што ќе се случи? Како одговор ќе добиеме цитати на сите можни дупки во законот. Ќе ни ја заматат водата со своите чевли и ќе ни дадат да ја испиеме, велејќи дека е нафта. Мајсторски, како што тоа умеат само политичарите и сѐ уште длабоко политизираните институции - да прават дупки во водата и да градат кули од карти.

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.