Социјалните мрежи и порталите изобилуваат со говор на омраза, но, државните институции не го гледаат и санкционираат, иако претставува кривично дело. Во интервју за ЦИВИЛ Медиа, разговаравме со Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Маргини“, за говорот и делата од омраза, постапувањето на институциите, за случаите кои веќе четири години немаат правна разрешница, но и какви се трендовите сега.
„Постапките се водат неефикасно и ја губат смислата. Пресуди можат да се бараат и во граѓанските и кривичните судови. Сепак, ни недостига судска пракса во однос на говорот на омраза. Она што го видовме како позитивен тренд изминатиот период беше во однос на Договорот од Преспа. Но, сепак видовме дека државата се обиде да го санкционира националистичкиот говор на омраза, она што одговара на моменталниот политички контекст. Додека од истиот говор на омраза кога страдаат најмаргинилизираните, тогаш како да се нема волја да се постапи“, вели Дрндаревска, сметајќи дека со ваквиот однос на државата, насилниците ќе продолжат да шират говор на омраза, а жртвите ќе бидат обесхрабрени да го пријавуваат.
Дрндаревска потсетува дека и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со законските измени кои беа направени, забранува говор на омраза и воведе парична казна за говор на омраза, но тој само ги третира традиционалните медиуми. Таа се осврнува на повеќе аспекти за кои смета дека треба да се регулираат во оваа сфера.
„Потребно е доуредување на законската рамка за говор на омраза, прашањето за проширување на административната регулација кон порталите треба повторно да се отвори и сериозно да се размисли за еден таков вид на регулација, бидејќи не е фер некој да биде комплетно нерегулиран и да не одговара во општеството за тоа што го пишува. А притоа да ги прави најголемите проблеми и раздори. Секако, мора да се зголеми политичката волја“, смета Дрндаревска.
Петар Клинчарски
камера и монтажа: Д. Муратов