Феноменот на говор на омраза последниве денови е повторно во фокусот на јавноста во Северна Македонија, а неговата употреба се зголеми со почетокот на пандемијата со коронавирусот, пишува Порталб.мк. Со зголемувањето на бројот на заболени од ковид-19, пропагандната машинерија, чиј дел се и бројни влијателни медиуми со делумна унгарска сопственост, деновиве со голем интензитет ги обвинува муслиманите, особено Албанците и Ромите, како главни носители на коронавирусот и виновници за засилување на епидемијата.
Сепак, остри реакции ја преплавија јавноста кога на говорот на омраза во врска со ситуацијата се приклучи и членот на Македонската академија на науки и уметности, професорката Катица Ќулавкова. Нејзиниот твит во кој вели дека „Цената на соживотот ја плаќаме со животот“, беше критикуван во јавноста и беше оценет како поттик за нетолеранција меѓу етничките заедници.
Невладините организации, осудувајќи го овој чин на Ќулавкова, велат дека за зголемување на говорот на омраза придонесува и фактот дека сме во предизборен период.
Хелсиншкиот комитет преку соопштение посочи дека тензиите предизвикани од рестриктивните мерки постепено се префрлаат во областа на национализмот. Во оваа ситуација, според нив, придонеле многу фактори: молчењето на институциите пред волјата на верските власти кои постапија спротивно на сите препораки за заштита на јавното здравство, функционирање на државата со техничка влада, селективното покривање од страна на медиумите и масовното присуство на дезинформации и поттикнување говор на омраза по етничка основа од страна на јавни личности.
Истовремено, Хелсиншкиот комитет поднесе пријава против академик Ќулавкова.
„Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе пријава против академик Катица Ќулавкова за нејзината изјава на социјалните мрежи, со која поттикнува нетолеранција меѓу етничките заедници. Нејзиниот твит „Цената на соживотот ја плаќаме со живот“ имплицира дека причина за ширењето на вирусот се меѓуетнички односи а не општо распространетото непочитување на мерките. Имајќи предвид дека во земјата доминира говорот на омраза токму на етничка основа, ширењето и поттикнувањето на таквиот говор има посебна тежина, затоа што води кон злосторства од омраза, односно кон распламтување на националистичките страсти. А тие по дефиниција се разорни за ранливото социјално ткиво и имаат потенцијал за да ја нарушат националната безбедност. Особено е опасно кога таквиот говор го применуваат интелектуалци, политичари, новинари и други личности со поголемо општествено влијание“, пишува Хелсиншкиот комитет.
Во меѓувреме, Џабир Дерала од Цивил, вели дека ова не е првпат Ќулавкова да ги изрази своите националистички ставови.
„Не е прв пат да ја видиме академик Ќулавкова во вакво светло. Сепак, со оглед на предизборниот период, со оглед дека и социјалната и политичката состојба, како и состојбата на јавното здравје, како теми се искличително доминантни во овој период, нејзиното учество во социјалните мрежи со вакви пораки упатува на тоа дека Ќулавкова, покрај тоа што е националистка, таа е вклучена и во политиката. Доказ за тоа е дека избира многу деликатен социо-политички момент во земјата за да ги обнови своите националистички пораки во јавноста“, изјави Дерала.
Според директорот на Метаморфозис, Бардил Јашари, и покрај тоа што говорот на омраза се користи дури и од јавни личности и истиот се дистрибуира во непрофесионални медиуми, за жал, сите влади досега во Македонија ги затвораа очите пред ширењето на говорот на омраза, иако според закон тоа е кривично дело.
„Никој не се зафати систематски со овој сериозен проблем и не се обиде да ги спречи изворите и причините за употреба на говор на омраза. Ова започнува на училиште и дома. Со неколку исклучоци, никој не е казнет за употреба на говор на омраза и ова дополнително ги охрабрува оние што користат и промовираат говор на омраза да продолжат да го прават ова без страв дека ќе бидат казнети. Ситуацијата се влошува кога гледаме како јавни личности, политичари, академици и други користат говор на омраза и потоа се шири од неодговорни и непрофесионални медиуми. Лош и срамен пример што потоа го следат граѓаните и со тоа започнува спиралата на говор на омраза која може да ескалира во насилство. Значи, првиот чекор за избегнување на говорот на омраза е системот на образование и семејното образование, а потоа останува надлежните институции да ја завршат својата работа и да ги казнат корисниците на говор на омраза и поттикнувачи на насилство “, вели Јашари.
Ќулавкова на 6 јуни на нејзиниот Твитер профил објави твит со текст „цената на соживотот ја плаќаме со животот“, во согласност со нарацијата што ја шират националистичките и шовинистичките кругови во Северна Македонија, според кои виновни за ширењето на болеста ковид-19 се заедници кои не се етнички Македонци и христијани. Сепак, по бројните реакции во јавното мислење, Ќулавкова подоцна го избриша овој твит и веднаш потоа објави: „Твитот е личен и нема никаква врска со меѓуетничката состојба во Македонија“.
На ваквиот став реагираше членот на МАНУ, Абдулменаф Беџети, кој ставовите на неговата колешка ги оцени како расистички, додавајќи дека тие не ги претставуваат институционалните погледи на академијата.
„Се надевам дека нашите сограѓани ќе се дистанцираат од нејзините изјави со патолошка омраза кон сограѓаните, сметајќи ги за дежурни виновници за вакви планетарни проблеми како што е случајот со пандемијата ковид-19! Инаку, таа не може и не ја претставува институционалната гледна точка на МАНУ поради што во обид да биде избрана за потпретседателка двапати по ред, пред 6 месеци, не успеа да ја добие поддршката макар и на 1/3 од членовите/гласовите! За среќа, таа останува осамен глас и можеби на многу мала група академици, со надеж дека ќе замине во „друг свет“ со епитетот на фолк патриот! Ова не ја ослободува Институцијата на Академијата и не нé амнестира нас членовите за толерирање на овој расистички феномен“, напиша Беџети на Фејсбук.
Во меѓувреме, Македонската академија на науките и уметностите сè уште не се дистанцираше од оваа позиција на професорката Ќулавкова.
Потсетуваме дека од февруари 2014 г. во Северна Македонија стапија во сила новите законски одредби со кои се забранува и се казнува говорот на омраза и ширењето преку интернет материјали кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство против било кого или група, врз која било основа на дискриминација.
Според статистиката објавена на веб-страницата govornaomraza.mk, во периодот од 05 до 27 мај годинава, регистрирани се 846 пријави на говор на омраза, од кои 418 се врз етничка основа.
Сепак, од кога се влезени во сила на новите законски измени на Кривичниот законик за говорот на омраза, односно од февруари 2014 г., бројот на казни е многу низок, споредено со пријавите во дигиталната платформа „Пријави и спротивстави се на говорот на омраза”.
Полицијата бавно го истражува говорот на омраза, додека судството не пресудува, со оглед на големиот број пријави што се направени само на дигиталната граѓанска платформа за пријавување на говор на омраза.
Покрај тоа, во Македонија, особено за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, според анализата на Порталб.мк, говорот на омраза бил прилично изразен и имало еклатантни примери кога одредени лица и групи биле јавно изложени на овој феномен казнив според закон, но истиот не е гонет и казнет од органите за спроведување на законот.
извор: МЕТА