(Прашања и одговори. Ние сме медиумите, 2.дел)
Што претставува граѓанско новинарство? Зошто граѓанско новинарство? Што се постигнува со граѓанско новинарство? Како граѓанските новинари можат да придонесат за транспарентни и одговорни политички процеси? Како ќе постигнете точност и ќе ги пополните празнините и недостатоците од граѓанското новинарство? Како се справувате со самоцензурата и стравот од негативните реперкусии од активизмот и граѓанското новинарство? Зошто граѓанското новинарство се разви толку брзо и е насекаде распространето? Овие прашања и многу други често им се поставуваат на нашите тимови на терен, на семинари и работилници, или преку месинџер и е-пошта... Тоа се одлични прашања што ја предизвикуваат нашата работа и секојдневно нè поттикнуваат двапати да го провериме квалитетот на нашата работа. Да почнеме од почеток...
Што претставува граѓанско новинарство?
Постојат голем број дефиниции за граѓанско новинарство. Ние, во ЦИВИЛ, имаме тековна и жива дискусија за тоа како да се дефинира граѓанското новинарство. Иако темата е отворена за натамошна дискусија, заради целите на семинарите за обука и работилниците, ја имаме усвоено следнава дефиниција: Граѓанското новинарство претставува алтернативна форма на известување заснована врз активизам, како граѓански одговор на недостатоците на традиционалниот медиумски простор. Се заснова врз новинарска практика, но користи алтернативни облици на изразување, а легитимноста ја извлекува од лични или групни искуства и ставови на очевидци или учесници на настани и процеси. Граѓанското новинарство е водено од мотиви и идеали што произлегуваат од граѓанските барања за демократија и слобода на изразување. Тоа е новинарство во рацете на граѓан(к)ите што имаат активна улога во процесот на прибирање информации, анализа и ширење вести, информации и ставови.
Зошто граѓанско новинарство?
Првенствено, затоа што можеме и сакаме да ги промениме начините на кои традиционалните медиуми ги третираат вестите и публиката. Граѓанските новинарки и новинари не заработуваат од нивните активности во областа на информирањето. Тие сакаат да го подобрат општеството! Затоа, тие бараат простор да се изразат и да ја информираат јавноста за настани од нивна гледна точка. Во повеќето случаи, граѓанските новинар(к)и се најблиску до настаните, па дури и дел од нив. Иако ова може да доведе до одредени проблеми во однос на точноста и објективноста, сепак, прилозите на граѓанските новинар(к)и низ светот се првиот контакт со реалноста на настаните.
Што се постигнува со граѓанското новинарство?
Граѓанските новинар(к)и најбрзо ги пренесуваат вестите од местото на настанот. Граѓанските новинар(к)и произведуваат директни, нецензурирани, независни содржини, вести, информации и мислења
Како граѓанското новинарство може да придонесе за транспарентни и одговорни политички процеси?
Луѓето често ги интересира која е врската меѓу граѓанското новинарство и политичките процеси, особено во делот на транспарентноста и одговорноста. Еве која е врската. Граѓанските новинар(к)и се насекаде. Тие се очевидци или дел од постапки и дејствувања на властите, институциите, политичките партии и функционерите врз дневна основа. Граѓанските новинар(к)и се свесни дека можат да снимаат и да објавуваат различни ситуации, а функционерите се свесни дека нивните постапки и однесување можат да бидат јавно изнесени. Така, тие се мотивирани да обезбедуваат подобри јавни услуги и да бидат потранспарентни во извршувањето на нивните должности. По две години имплементација на проектот „Граѓански објектив“, со гордост можеме да истакнеме дека властите во денешно време се повеќе свесни – не само околу фактот дека нивните постапки може да се набљудуваат, да се снимаат и да се објавуваат, туку и за самите прекршоци. Или - со други зборови, некои навики и практики што се сметаа за „нормални“ во минатото, сега се сметаат и на нив се гледа како на прекршоци. Користење на службени возила за приватни активности или активности на политичките партии, на пример. Користење на канцелариските телефони за партиска мобилизација. Мобилизирање на подредените за партиски настани. Сите овие и многу други постапки сега се предмет на набљудување и јавно изложување поради граѓанските новинар(к)и.
Како ќе постигнете точност и како ќе ги пополните празнините и недостатоците на граѓанското новинарство?
Вистина е дека повеќето медиумски теоретичари и академци имаат тенденција да ги негираат квалитетите и вредностите на граѓанското новинарство, особено критикувајќи го за недостатокот на објективност, точност, употреба на извори на информации, квалитет, недостиг на професионализам, итн. Па, пред да го оспориме овој став со прашања за точноста и други недостатоци на традиционалните медиуми и професионалните новинари, можеме да наведеме некои предности што ги имаат граѓанските новинари. Еден од најочигледните факти е тоа што граѓанските новинари се побрзи од традиционалните. Понатаму, тие не зависат од комплицирани процедури за објавување. Граѓанските новинар(к)и го имаат својот паметен телефон со камера и можат да снимаат и објавуваат видеосодржини од настаните (речиси) истовремено како што се одвиваат и настаните. Што е најбитно, известувањата на граѓанските новинар(к)и се заснова врз идеали и потреби да се подобри општеството. Тие не зависат од центрите на моќта, ниту имаат потреба да ги повлечат своите прилози поради услуга или страв.
Како се справувате со стравот од негативните реперкусии од активизмот и граѓанското новинарство?
Ова е прашање што е од многу големо значење за нас, во ЦИВИЛ. Ние внимателно ја обработуваме секоја информација што пристигнува во нашето електронско сандаче. Свесни сме дека некои автори на видеозаписи не сакаат да го откријат својот идентитет. Исто така, се грижиме да не го откриваме идентитетот на изворите, особено ако тоа води кон откривање на идентитетот на граѓанските новинар(к)и. Ја обезбедуваме можноста да се биде анонимен и се грижиме за нашите извори. Доколку одреден материјал е чувствителен, на граѓанските новинар(к)и може да им биде непријатно да го постираат преку нивните онлајн-профили. Преку нашиот проект се обезбедува можноста тие, во соработка со нашиот тим, да го обработат материјалот, да го прикријат идентитетот, да ја верифицираат сторијата и да ја објават на медиумската платформа на организацијата. И сето тоа без притисок од кој било центар за моќ што може да претставува пречка за комерцијалните медиуми. Ова, исто така, го зголемува влијанието на секој прилог на граѓанските новинар(к)и.
Зошто граѓанското новинарство се разви толку брзо и е толку распространето?
Ова е едноставно. Импресивниот развој на интернетот, што се одвива со гигантски чекори во многу краток временски период, обезбеди услови за брз развој на граѓанското новинарство. Паралелно со тоа, социјалните мрежи создадоа вистинска и конкретна средина за непречено и нецезурирано ширење на медиумски содржини и пораки. Накратко, развојот на комуникациите и технологиите (мобилните телефони, компјутерите и софистицираниот софтвер по достапни цени) овозможија развој на граѓанското новинарство.
Кои се ризиците од граѓанското новинарство?
Граѓанските новинар(к)и се ранливи поради недостигот на обука и свест за ситуациите, што често претставува ризик за нивниот живот. Тие често ја занемаруваат личната безбедност кога документираат и известуваат за нереди, природни катастрофи или други настани. Ова е една од областите што треба да се подобри, а ние обрнуваме внимание на ова прашање на нашите семинари и работилници со граѓан(к)и заинтересирани за граѓанско новинарство и активизам.
This post is also available in: English