Со ширењето на корона вирусот во земјава, се наоѓаме пред многу предизвици, меѓу кои и дали да се прогласи кризна или вонредна состојба. На вчерашната лидерска средба, лидерот на СДСМ и поранешниот премиер, Зоран Заев, порача дека нема услови за избори во време на коронавирусот, а правниот тим кај претседателот ќе најде решение како да се закажат нови избори. Тој ја нагласи потребата од воведување вонредна состојба за да може поефикасно да се донесат мерки за здравствената состојба на граѓаните.
Професорката Мирјана Најчевска вели за да се одложат изборите, потребно е двотретинско мнозинство во Собранието и смета дека нема пречки пратениците да се состанат и да го сторат тоа. Што би значело дека собранието може да се свика.
Извршниот директор на граѓанската асоцијација „Мост“, Дарко Алексов, смета дека изборите полесно ќе се одложат ако се прогласи вонредна состојба поради опасноста од ширењето на коронавирусот, а во спротивно се отвораат дилеми.
Тој објаснува дека ако се прогласи вонредна состојба, Собранието нема да мора да продолжи редовно да работи, зашто Владата ја презема улогата на законодавец. Одложените избори значат дека сите досегашни изборни активности ќе прекинат, а потоа ќе почнат од почеток – за ова веќе сме имале искуство во 2016 година.
Според професорот Љубомир Фрчковски, тезата за општа кризна состојба на цела територија е апсурна и е со цел да е избегне терминот вонредна.
Кризните состојби не се уставна категорија и се решавани со законот. Насочени се кон локални кризи и бараат голема интевенција на државата. Пример Дебар и Центар Жупа. Тоа ако се случи во Скопје системот ќе колабира. Затоа тезата општа кризна состојба на цела територија е апсурдна и наменета е да се избегне терминот вонредна состојба, од страв владата што би зела во свои раце. Тоа е глупаво решение и системот би колабирал.
Со вонредна состојба владата може да префрли пари од буџетот за помош на економските субјекти.
За среќа вонредната состојба е инструментот со кој може да направите две работи. Едната димензија е на владата да и даде можност да ја апсорбира улогата на Парламентот, да биде мобилна, да префрла пари од буџетот за помош на економските субјекти кои ќе почнат да трпат последици. Таму треба да се помага и владата ова сега не може да го направи, изјави Фрчковски денеска на „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.
Сашо Орданоски со свое гледање се осврна во денешната колумна „Кога политиката ќе ја сретне короната“:
„За ВМРО-ДПМНЕ – кое инсистира на прогласување „кризна“, а не на „вонредна“ состојба – прашањето е од примарно политичко значење. Тие се во една крајно деликатна состојба. Од една страна, се разбира дека се загрижени за состојбата со ширењето на епидемијата на корона вирусот и, како и сите нормални луѓе и конструктивни фактори во општеството, сакаат што поефикасно решавање на кризата; но, од друга страна, јасно им е дека, во политичка, предизборна смисла, тој посакуван успех, по природата на работите, ќе оди на сметка на власта... Затоа се трудат успехот да биде „ограничен“ во „здравствениот“ дел на кризата, паралелно со, барем релативен, неуспех во другите аспекти на делувањето на власта: економијата, социјалните мерки, па и психолошката состојба во општеството. За, кога конечно, ќе се презакаже датумот за вонредните избори, да имаат со што да ѝ парираат на сегашната власт, предводена од СДСМ. Инаку, го „обраа бостанот“ на изборите – за што и така шансите не им се најдобри.
Од истите причини, за СДСМ, пак, прогласувањето „вонредна состојба“ е од големо значење: да, на Владата, во оваа ситуација, ѝ треба моќта да носи одлуки со законска важност, чие ефикасно спроведување би се почувствувало, имено, во сите, а не само во тесно-здравствената област.
Мислам дека и на претседателот Пендаровски овие работи му се познати. Или забрзано му стануваат јасни.
Другото е политика, за тоа оставам сите да си имаат свое мислење.“
Д.Т.