Ден по договорот за одложување, ЦИВИЛ со панел дискусија за пописот, во 13 часот

Како општествено одговорна организација, ЦИВИЛ организираше серија дебати за пописот, почнувајќи од почетокот на декември минатата година. Како и секогаш, организацијата и во оваа тема дејствуваше „децентрализирано“, па дебати организираше и во други градови, како Штип, Гостивар и Гевгелија.

Ден по договорот меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пописот да се одложи за септември, а во очекување на потврда на овој договор во законодавниот дом на Северна Македонија, ЦИВИЛ ќе одржи уште една дебата на познатата тема „Попис: Статистика, не политика“, денеска, 30 март, со почеток во 13 часот.

До сега, своето учество го потврдија Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, професорката Мирјана Најчевска, експертка за човекови права, Славјанка Петровска, пратеничка во Собранието и член на СДСМ и Љупчо Зиков, главен и одговорен уредник на „Капитал“. Панелот ќе го модерира Џабир Дерала, ЦИВИЛ. За жал, на бројните покани за учество не одговори ВМРО-ДПМНЕ, иако ЦИВИЛ секогаш поканува претставници на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ учествуваше на дебатите во Штип и Гостивар, а опозицијата беше претставена и преку претставникот на Социјалистичката партија на дебатата во Гевгелија.

Во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, панел дискусијата ќе биде одржана без публика, но ќе биде пренесувана во живо на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од панел дискусијата ќе бидат објавени на медиумската платформа на организацијата на македонски, албански и англиски јазик. Посебни видео прилози ќе бидат објавени и на YouTube каналот на ЦИВИЛ. Како и секогаш, редакциите со кои ЦИВИЛ има соработка се поканети да ги преземат сите медиумски содржини со соодветна атрибуција и линк.

Во фокусот на панел дискусијата, ден по одложување на процесот на попишување, е потребата да се одвои политиката од статистиката. ЦИВИЛ континуирано апелира до политичките структури да не го политизираат пописот, за тој да се спроведе како статистичка операција, бидејќи тоа и е. За јавноста е важно да се информира што може да очекуваат од процесот на попишување, безбедносните протоколи во однос на Ковид-19, кога и да се спроведе самиот попис, а ќе се зборува и за значењето на пописот на локално и национално ниво.

Панел дискусијата ќе трае околу еден час. За време на дискусијата, тимот на ЦИВИЛ ќе ги следи реакциите и прашањата на социјалните мрежи и дел од нив ќе ги пренесе до учесниците во дискусијата.

Настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“, финансиран од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.

This post is also available in: AlbanianEnglish