Како општествено одговорна организација, ЦИВИЛ организираше серија дебати за пописот, почнувајќи од почетокот на декември минатата година. Како и секогаш, организацијата и во оваа тема дејствуваше „децентрализирано“, па дебати организираше и во други градови, како Штип, Гостивар и Гевгелија.
Ден по договорот меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пописот да се одложи за септември, а во очекување на потврда на овој договор во законодавниот дом на Северна Македонија, ЦИВИЛ ќе одржи уште една дебата на познатата тема „Попис: Статистика, не политика“, денеска, 30 март, со почеток во 13 часот.
До сега, своето учество го потврдија Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, професорката Мирјана Најчевска, експертка за човекови права, Славјанка Петровска, пратеничка во Собранието и член на СДСМ и Љупчо Зиков, главен и одговорен уредник на „Капитал“. Панелот ќе го модерира Џабир Дерала, ЦИВИЛ. За жал, на бројните покани за учество не одговори ВМРО-ДПМНЕ, иако ЦИВИЛ секогаш поканува претставници на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ учествуваше на дебатите во Штип и Гостивар, а опозицијата беше претставена и преку претставникот на Социјалистичката партија на дебатата во Гевгелија.
Во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, панел дискусијата ќе биде одржана без публика, но ќе биде пренесувана во живо на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од панел дискусијата ќе бидат објавени на медиумската платформа на организацијата на македонски, албански и англиски јазик. Посебни видео прилози ќе бидат објавени и на YouTube каналот на ЦИВИЛ. Како и секогаш, редакциите со кои ЦИВИЛ има соработка се поканети да ги преземат сите медиумски содржини со соодветна атрибуција и линк.
Во фокусот на панел дискусијата, ден по одложување на процесот на попишување, е потребата да се одвои политиката од статистиката. ЦИВИЛ континуирано апелира до политичките структури да не го политизираат пописот, за тој да се спроведе како статистичка операција, бидејќи тоа и е. За јавноста е важно да се информира што може да очекуваат од процесот на попишување, безбедносните протоколи во однос на Ковид-19, кога и да се спроведе самиот попис, а ќе се зборува и за значењето на пописот на локално и национално ниво.
Панел дискусијата ќе трае околу еден час. За време на дискусијата, тимот на ЦИВИЛ ќе ги следи реакциите и прашањата на социјалните мрежи и дел од нив ќе ги пренесе до учесниците во дискусијата.
Настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“, финансиран од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.