Политичката партија Левица, како да се среде изборна кампања, покрај кампањата на социјалните мрежи, веќе започнаа и теренска кампања. Меѓутоа, овојпат, наместо изборна програма, делат флаери за бојкот на пописот, односно ги повикуваат граѓан(к)ите да не отвoраат врата.
Флаерите ги поставуваат на шофершајбните од автомобилите по паркинзи. Прашањето е – дали лепачите на флаери ги дезинфицираа(т) рацете пред да ги постават флаерите во некој автомобил. Каква гаранција даваат од партијата Левица дека не може да се фати корона вирус преку тие флаери што ги делат, доколку можеби токму тој што ги дели и без да знае е корона позитивен/а? Или тие што делат/лепат флаери претходно извадија ПЦР тест, па слободно граѓанките може да ги фаќаат со раце флаерите да прочитаат што пишува, па, и да ги фрлат во канта, нели?
За оваа кампања на Левица побаравме одговор од Основното јавно обвинителство, но до овој момент немаме никаков одговор.
Она што е јасно според Законот за попис, санкции ќе има и за попишуваните и за попишувачите доколку ги прекршат правилата, ќе следат и парични казни но, и казни со затвор.
„Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска против вредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице, ако како учесник во Пописот неовластено издаде податоци од Пописот на трето лице или во својство на државен инструктор, реонски инструктор и попишувач, односно член на Комисијата за пописен реон, нема да постапи во согласност со упатствата и инструментите за спроведување на Пописот и овој закон“, се наведува во Законот.
„Тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години.
Ако делото го стори учесник во Пописот или друго службено лице при спроведувањето на Пописот, ќе се казни со казна затвор од најмалку пет години.
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци“, се наведува во Законот.
Пописот треба да почне следниот четврток, на 1 април и да трае до 21 април.
Освен Левица, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повторно повика на одложување на пописот. Секојдевно на попис повикува и Националниот блок на Јанко Бачев.
Д. Муратов