Дали Европа ја трампа Северна Македонија?

пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Неделно утро, 7 ноември. Денот почнува со Ocean (Goldfrapp feat. Dave Gahan) и со комуникации со дежурните тимови за медиумска продукција и мониторинг. Тимовите се шарени по сите основи. Тие комуникации се прилика и да размениме мисли за актуелните состојби и за организациски прашања. А што друго би разговарале на службен комуникациски канал?

Го пуштив 60-минутниот Röyksopp – Björk – Jan Blomqvist (Mix by Irakli M) и влегов во дискусија.

„Ужасно е, неизвесноста убива. Се надевам дека е план од поголемата слика. Сѐ си мислам дека постои некој план и дека ова е само лош сон“ – ми пишува колешката, наша соборка од Шарената револуција.

„Ако мислиш на меѓународната заедница, нема план. Оставени сме сами на себе“ – одговорив и се вратив на Дејв Гахан (Dave Gahan, Soulsavers – Metal Heart).

Руско шоу

„Е па, тогаш, нека уживаат во руско шоу на Балканот“ – вели таа. Не знам што да одговорам. Ми текнува на одличниот текст на Аугустин Палокај во хрватскиот „Јутарњи лист“ со наслов „ЕУ изневери многу држави, но ниту една како Северна Македонија“.

„Не им е гајле“ – пишувам, иако сум свесен дека ситуацијата е далеку покомплексна за вака едностран став, па затоа додавам: „Балкан за гас и пакт за ненапаѓање“. Упс, не сум сигурен дека и со ова одам во вистинската насока.

„Свесна сум за меѓународната заедница. Ужасно се однесува со нас. Ама ќе им се тресне тоа од нос“ – пишува колешката.

Поголемите ги јадат помалите

„Нема ништо ним да им се тресне од нос. Тоа им е шемата. Ако не нѐ задржат во својата зона на влијание, ќе нѐ трампаат за свои интереси“ – одговорив, резигниран.

„Ужас! Па што е поентата тогаш на било што?!“ – ми пишува колешката револтирано.

„Нема поента. Тоа е тоа. Политика во која поголемите ги јадат помалите, без оглед на тоа што и колку помалите се трудат“ – сакав да ѝ напишам. Полека почнав да сфаќам дека во ваква комуникација човек не може целосно и релевантно да ги искаже своите ставови. Лесно може да се пропуштат важни поенти. Затоа решив да прејдам на „наш“ терен без посебни воведи.

„Треба нешто и ние да направиме. Донекаде логично и нормално е однесувањето на меѓународната заедница. Погледни ги изборните резултати. Со други зборови, не сме колонија. Сами одбираме што сакаме. Не сакаме демократија? Не сакаме мултикултурно општество и стабилна држава? Бујрум“ – напишав во тастатурата на телефонот. Send…

Бугарија им е згадена на сите

„Веројатно и не заслужуваме да бидеме дел од ЕУ со сите слабости и со ваква политичка култура. И нималку не е оправдание споредбата со Унгарија, Бугарија и други земји во кои се бележат илибералните тенденции во политиката. Зошто Брисел би сакал уште една во низата проблематични држави во Европа? Како Бугарија, на пример, која на сите им е згадена веќе“ – си велам. Таман тргнав тоа и да го напишам, кога колешката, како да ми ги чита мислите, тргна со лавина од оценки насочени локално. Ќе ги пренесам целосно, иако можеби со некои квалификации и генерализации не се согласувам.

„Да, ама тоа е зашто сме многу меки. Искрено. Дозволуваме искривување на вистинската слика. Вмро се бандити, родени криминалци, матрицата им е таква. Прават сплетки меѓу себе, ама се штитат еден со друг. А, ние не. И изборите се резултат на тоа. Ние сме ти – бистрење политика у 4 саат сабајле у кафана, кај што се зборува за името, „смрт за шиптари“ и остало. Тоа сме ние – дно дна. Не сакаат они напредок, како што на тацна им се сервира. Патриотизам и национализам – тоа ги пали!“

„Може ли четов да го искористам за текст?“ – ја прашав.

Хиени

„Слободно“ – ми одговори таа и продолжи: „Демократија? Па едно ливче од Министерство за култура патува до Министерство за финансии цели 4 месеци во 2018-та. Жив сведок е моја другарка. Го криеле! За таква матрица збориме! Секаде се инсталирани, како хиени. Дури и во театри има луѓе од Македонски шуми…“ – набројуваше мојата колешка.

„Гледам, овде има материјал за повеќе текстови“ – ѝ одговорив и почнав со овој текст, додека одеше Dave Gahan, Soulsavers – All of This and Nothing.

Се разбира, споделивме и неколку мисли за оставката на Заев, но за тоа веќе имавме многу, а секако ќе има уште повеќе. Инаку, комуникацијата продолжи на поздодевни, интерни теми.

 


Текстот е личен став на Авторот. Creative Commons 4.0 (дозволено преземање, со линк до изворот).