Дерала: Имаме обврска да бидеме бранител(к)и на човековите права на сите луѓе подеднакво

Фестивалот на слободата, по повод Меѓународниот ден на човековите права и 20 години ЦИВИЛ, на присутните им понуди динамична, богата, активистичка  програма, со цел поттик борбата за човекови права и слободи да продолжи гласно и бескомпромисно.

„На Меѓународниот ден на човековите права, ние, ЦИВИЛ, им се придружуваме на сите активистки и активисти, во одбележувањето на борбата за човекови права и слободи во Република Северна Македонија и во светот. Нашата земја сѐ уште се соочува со последиците од заробената држава, грабежот, структурното насилство и систематското кршење на човековите права и слободи по сите основи за време на авторитарното, режимско владеење на претходната власт.

Затоа, исклучително е важна улогата на активистите за човекови права, а уште поважно вклучувањето на секој поединец во промоција и одбрана на човековите права и слободи на секој човек, на секоја група и на секоја заедница.

Човековите права не се бранат само со зборови и пароли, а уште помалку со бескрајни извештаи, табели и графикони. Човековите права и слободи се бранат дома, во кругот на семејството, низ учење и разговор. Човековите права се бранат во непосредното опкружување, на улица, во соседството.

Борбата за човековите права и слободи се одвива во градинките и училниците, во амфитеатрите, меѓу колешките и колегите на работа, во фабричките хали, насекаде каде што луѓето работат и живеат. Секој ден е предизвик за секого од нас. Едукацијата и искрениот разговор меѓу луѓето, гласните барања и граѓанското учество се само првиот чекор во борбата против омразата и дискриминацијата, поделбите и насилството, борбата против корупцијата и злоупотребите, борбата против црната пропаганда, лажните вести и дезинформациите – тоа е задача на секој родител, наставник, новинар, функционер, граѓанин или граѓанка, секој ден, на секое место.

Кога состојбите се очекува да ги реши некој друг, кога се очекува од полицијата или обвинителството, да ги заштити човековите права, тоа значи дека многумина претходно не успеале да ги исполнат своите должности или самите биле дел од кршењето на човековите права и слободи на другите. И молкот е соучесништво во кршењето на човековите права и слободи. Затоа, секој од нас има право, но и обврска, да биде бранител или бранителка на човековите права на сите луѓе подеднакво.

Нека ни е честит 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права“, изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ во свое и во име на организацијата која 20 години ги промовира и се бори за човековите права и слободи.

Б. Ј.

Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Кирил Михаилов