Експлозивна агенда на претстојниот семинар на ЦИВИЛ во Велес

Билјана Ивановска, ДКСК, Бранимир Јовановиќ, Институт за општествени и хуманистички науки, до скоро, советник на екс-министерот за финансии, Тевдовски, Аце Коцевски, Градоначалник на Велес и Џабир Дерала, Претседател на ЦИВИЛ, се дел од агендата на претстојниот семинар на ЦИВИЛ. Организацијата нуди ексклузивна можност за ограничен број посетители да присуствуваат на презентации и излагања на извонредно жешки теми, на семинарот „Транспарентност и одговорност во политичките процеси“, кој ќе се одржи на 14 и 15 август, во хотел „Романтик“, на брегот на Велешко Езеро. Бројот на учесници е ограничен, па затоа, од организацијата повикуваат заинтересираните да го најават своето присуство, а го задржува правото на селекција на учесниците на настанот.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, ќе говори на тема „Институциите, медиумите и граѓанскиот сектор заедно во борба против корупцијата“, во среда, 14 август, со почеток во 15 часот. По излагањето на Ивановска, Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, ќе одржи презентација на примери за злоупотреби на јавни ресурси и коруптивно однесување на политичките партии и нивните функционери. По овие излагања, следи дискусија.

Утредента, на 15 август (четврток), со почеток во 10:30 часот, ќе говори градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, на тема: „Партнерствата меѓу локалната самоуправа и граѓанскиот сектор во обезбедување транспарентност одговорност на локално ниво“.

Исклучително интересната агенда на ЦИВИЛ продолжува со Бранимир Јовановиќ од Институтот за општествени и хуманистички науки, кој ќе говори на тема: „Транспарентност и одговорност во политичките процеси (политички ветувања/остварувања, реформи и одговорност/отчетност)“ во четврток, 15 август, во 12 часот. По излагањата на Коцевски и Јовановиќ, ќе биде отворена можноста за прашања и коментари од присутните, во траење од по половина час.

Останатиот дел од семинарот на ЦИВИЛ во Велес ќе биде посветен на стратешко планирање на проектот „Граѓански објектив: Транспарентност и одговорност во политичките процеси“, финансиран од National Endowment for Democracy, на кој учествуваат исклучиво членовите на тимот за имплементација на проектот. Тимот на ЦИВИЛ ќе биде на располагање за изјави за локалните медиуми на сите прашања од интерес на јавноста, по претходна најава.

ЦИВИЛ Тим за комуникации

 


Формулар за пријава: ТУКА
Дополнителни информации побарајте на: [email protected] или 02/5209 176 (секој работен ден, 9-17 ч.)

 

This post is also available in: AlbanianEnglish