„Преку аудиовизуелизација и дебата до полесно и поефикасно учење “, во организација на ЦИВИЛ Млади и ЦИВИЛ – центар за слобода, а со поддршка од Македокс, повторно ја докажа важноста на конструктивната дискусија и слобода на говор.
Тема на дискусијата беше сиромаштија како поттик за дискриминација, а преку документарниот филм „Џури“ и презентацијата за клучни поими, подлабински се навлезе во тематиката. Средношколците од СУГС „Јосип Броз Тито“ отворено зборуваа за сиромаштија како последица на немање материјални средства за опстанок, но и сиромаштија како стадиум на свеста – да сме сиромашни во умот и срцето.
На дебатата учествуваа Давид Стојановски, Софија Гулевска и Ребека Лазова.
„Секојдневно се случува да се потценуваат младите поради тоа што го носат. Како на пример патики, или оние Хард Рок маички кои ако ги немаат не се дел од “таа елита“, не биле во Прага“, рече Ребека Лазова, една од учесничките на дебатата.
“Во нашите генерации се случува кога ќе излеземе некој да нема доволно пари и другите да го осудуваат. Според мене тоа не смее да се случува бидејќи не треба да се гледа на материјалното што го поседува, туку тоа што знае да ти каже. Тоа што поседува во себе“ смета Софија.
„За луѓе кои се здрави, прави и способни, а не работат нема зошто да се сожалуваат, туку да се осудуваат. Но на луѓето кои не се работоспособни или сакаат да работат, но нема работни места – за нив треба да ни е жал и за нив да се бориме. Не треба да зборуваме како нашата држава е лоша, нашата држава е лоша од ’91 година па навака, да гледаме ние меѓусебно да си помогнеме. Затоа што од тие што се на врвот, целата политичка елита, ние нема ништо да добиеме. Ако ние не се чуваме овдека меѓу нас нема кој да нè чува. Ако денес носиме најк патики, некој ќе не згази, ќе ни се искинат. Но тоа што го носиме внатре во срцето, тоа што го чувствуваме со другите, тоа не може никој да ни го земе“ објасни Давид.
Филмот и дебатата поттикнаа дискусија меѓу присутните средношколци. Но, нивниот фокус беше насочен кон осирамашеното образование.
„Пола од професори кои во дипломата им пишува професор за мене не се професори. Зошто ти одиш на час, ти ствараат негативна енергија, одам дома се карам со моите. Не ме тераат јас да учам од волја, ме тараат на сила да учам“, изјави еден од учениците.
„Овој систем што ние го имаме е за фабрички работници, затоа не бутаат по триесет ученици во еден клас, доаѓа еден професор и се наметнува како авторитет. Затоа немаме ефикасно учење и не постигнуваме успеси“, се надоврза друг ученик.
Учениците се согласија дека зголемување на социјална помош е потребно, но се потребни и политики кои ќе овозможат загрозените индивидуи да имаат полесен пристап до работа и да се поттикнуваат на самоодржливост.
Вакви настани се планираат и во низа други училишта на подрачјето на Град Скопје. ЦИВИЛ Млади ги повикува сите заинтересирани училишта, ученици и професори доколку се заинтересирани ваков настан да се организира во нивното училиште да не контактираат на фејсбук странцицата на ЦИВИЛ, Citizen Journalists Macedonia, на веб сајтот за граѓанското новинарство clp.mk и на мејл адресата [email protected].
Документарниот филм е дел од „Џури“, документарен филм, дел од првиот едукативен сет на проектот „МакеДокс во училница“ составен од 15 документарни филмови и прирачник за работа со нив. Приспособен за наставата по социологија и граѓанско образование за средните училишта во Република Македонија и одобрен од Министерството за образование и наука и Бирото за развој во образованието. Првиот едукативен сет е издаден благодарение на National Endowment for Democracy.
Анѓела Арсенијевиќ