ЏАБИР ДЕРАЛА
Сигурно било многу тешко да си Доналд Трамп или некој од неговите поддржувачи и следбеници (во САД или каде било во светот) за време на говорот на американскиот претседател Џо Бајден, по повод одбележувањето една година од нападот на Капитол, на 6 јануари, 2021 година.
Реченица по реченица, пасус по пасус, претседателот Бајден, како со чекан, ги редеше фактите за тоа што ѝ се случи на демократијата на САД тој ден. Ниту еднаш не го спомена името од неговиот претходник, туку го нарекуваше „поразениот поранешен претседател“. Навистина тежок ден за Трамп и за секој негов поддржувач. Нивните „Големи лаги“ беа растурени на парчиња.
Битка меѓу демократијата и автократијата
Тешко е да се пишува за говорот на претседателот Бајден бидејќи е едно, колку блескаво инспиративно, толку и прецизно и сеопфатно јавно обраќање. Секој збор и секоја мисла што тој ја сподели, зборува за огромните предизвици што ги наметна политичкото насилство од пред една година. И не само САД, туку и демократијата во целиот свет се соочува со нападот од антидемократските структури на кои им припаѓаат и трампистите.
Според претседателот Бајден, „повторно сме ангажирани во борбата меѓу демократијата и автократијата, меѓу аспирациите на многумина и алчноста на малкумина, меѓу правото на луѓето за самоопределување и автократот во потрагата по самиот себе“. Тој кажа дека „од Кина до Русија и пошироко, тие се надеваат дека деновите на демократијата се избројани. […] Тие се надеваат дека Америка е место за автократот, диктаторот, силникот. […] тоа е нешто што никогаш не треба да бидеме“.
Претседателот Бајден гласно кажа што се случи и што се случува со американската, но и со светската демократија во денешно време. Тоа беше директен, искрен и емотивен говор, ослободен од дипломатски заобиколувања.
„Големата лага“ за „востанието“ што се случи на денот на изборите
Претседателот Бајден зборуваше за трите „Големи лаги“ на „поразениот поранешен претседател“ и неговите поддржувачи. Првата „Голема лага“ е тврдењето на трампистите дека „востанието“ всушност се случило на денот на изборите, на 3 ноември 2020 година.
Претседателот ги праша своите сограѓани Американци: „Дали тоа го мислевте кога гласавте тој ден? Дека учествувате во востание? Тоа мислевте дека го правите? Или мислевте дека ја извршувате вашата највисока должност како граѓани и гласате?“
„Поддржувачите на поранешниот претседател се обидуваат да ја преиначат историјата. Тие сакаат вие да го гледате денот на гласање како ден на востание и дека немирите што се случија тука на 6 јануари се вистински израз на волјата на народот. Можете ли да замислите поизвитоперен поглед на оваа земја, поглед на Америка? Јас не можам“ – рече претседателот Бајден и заклучи – „Поранешниот претседател и неговите поддржувачи одлучија дека единствениот начин да победат е да го потиснат вашиот глас и да ги поништат нашите избори. Тоа е погрешно. Тоа е недемократски. И искрено, тоа е неамерикански“.
„Големата лага“ за дека на изборните резултати „не може да им се верува“
Претседателот Бајден ги потсети Американците на втората „Голема лага“ што ја шират поддржувачите на поранешниот претседател дека „на резултатите од изборите во 2020 не може да им се верува“.
„Вистината е дека никогаш во американската историја изборите не биле толку одблизу набљудувани или гласовите повнимателно избројани“ – рече Претседателот Бајден – „Секоја правна постапка што би можела да се покрене пред судовите во државата за да се доведе резултатот во прашање, беше покрената и беше одбиена. Често одбиени од судии назначени од Републиканците, вклучително и судии назначени од самиот поранешен претседател. Од државни судови во САД, Врховниот суд, се спроведе пребројувањето на гласовите во повеќе држави. […] Ниту една не го промени резултатот“.
„Наместени избори“ само во твитовите на Трамп
Трамп и неговите поддржувачи инсистираа дека тој би ги изгубил изборите само ако тие биле „наместени“ против него. Тој зборуваше за тоа скоро секој ден за време на неговата претседателска кампања во 2020 година. Продолжи така и откако беше поразен со разлика од повеќе од седум милиони гласови на Американците во корист на победникот, Претседателот на САД, Џо Бајден.
Според Tвитер архивата на Трамп тој, откако ја презел должноста, го искористил зборот „наместен“ (англиски: rigged) 157 пати во своите твитови; 75 пати од мај 2020 година (како што изброи USA Today). „Наместени избори. Ќе победиме!“ – твитна Трамп на 15 ноември, 2020 година. Претходно истиот месец, Трамп твитна: „Храбар патриот. Сè повеќе луѓе се приклучуваат кон разобличување на овие наместени избори!“ По целиот хаос што го предизвика „поразениот поранешен претседател“, може да се каже – „наместени избори“ има само во твитовите на Трамп.
Твитер трајно го суспендираше профилот на Трамп на 8 јануари 2020 година, два дена после нападот на Капитол.
„По внимателно прегледување на последните твитови од профилот @realDonaldTrump и нивниот контекст – поконкретно, начинот на тоа како тие се восприемаат и се толкуваат во и надвор од Твитер – ние трајно го суспендираме овој профил поради ризик од дополнително поттикнување насилство“ – соопшти Твитер.
Трампистите поднесоа 62 тужби, 61 беа неуспешни; незначителна „победа“ Пенсилванија
Од 62 поднесени тужби за претседателските избори, 61 беше неуспешна.
Единствената победа, ако може така да се нарече, дојде од судија од Пенсилванија кој застана на страната на кампањата на Трамп. Судијата одлучи дека гласачите не добиле можност да се вратат на гласачките места доколку успеат да обезбедат соодветна идентификација три дена по изборите.
Пресудата влијаеше на мал број гласови и не го промени исходот во Пенсилванија, каде што Бајден победи со разлика од 81.660 гласови. Најмалку што може да се каже е дека ова е сосема незначителна „победа“ за трампистите.
Нож под грлото на Америка и на американската демократија
Говорот на американскиот претседател беше можеби најсилниот досега за друг политичар на САД. Државата и степенот на закани против демократијата во светот и во САД, е таква што не може да се дозволи луксузот да се занемари или одложи овој глобален предизвик.
Претседателот Бајден го истакна фактот со јасни и директни зборови и мислења. И се погрижи да не пропушти ниту една точка од улогата и одговорноста на „поразениот поранешен претседател“ во држењето на „ножот во вратот на Америка и американската демократија“.
Исто гласачко ливче, различни аршини
Кога станува збор за спротивставување на изборните резултати, претседателот Бајден направи брилијантна опсервација:
„Поранешниот претседател и неговите поддржувачи никогаш не успеаја да објаснат како ги прифаќаат како точни сите останати изборни резултати што се одржаа на 3 ноември. Изборот на гувернерите, Сенатот на САД, Претставничкиот дом, избори со кои се пополнуваат празнините во Домот. Тие не оспорија ништо од тоа. […] Гувернерите, сенаторите, членовите на Претставничкиот дом, некако, прифатливи им се тие резултати од истите гласачки ливчиња, во ист ден, од истите гласачи. Единствената разлика: поранешниот претседател не ги изгуби тие трки. Само ја изгуби неговата.“
“Големата лага“ за „вистинските патриоти“
„Што е тоа што не го видовме?“ – праша Претседателот Бајден.
„Не видовме поранешен претседател кој само што ја собра толпата за да нападне, седеше во приватна трпезарија во близина на Овалната соба во Белата куќа, го гледаше сето тоа на телевизија и не направи ништо со часови, додека полицијата беше нападната, животи беа изложени на ризик, Капитолот беше под опсада.“
Третата „Голема лага“ што ја посочи Претседателот Бајден во својот говор, беше за оние кои упаднаа во Конгресот на 6 јануари 2021 година, кои во пропагандата на Трамп лажно се прикажуваат како „вистински патриоти“.
„Патриоти? Не во моите очи. За мене, вистинските патриоти се повеќе од 150 [милиони] Американци кои на мирен начин го дадоа својот глас, изборните службеници кои го штитеа интегритетот на гласањето и хероите кои го бранеа овој Капитол. Не можете да ја сакате својата земја само кога ќе победите, не можете да го почитувате законот само кога тоа ви одговара. Не можете да бидете патриоти кога прифаќате и ги овозможувате лагите“ – рече претседателот Бајден во своето блескаво обраќање до Американците и светот.
Битка за душата на Америка
„Ние сме во битка за душата на Америка“ – рече претседателот Бајден и цврсто најави: „Битка, но со Божја волја, добрината и величината на оваа нација, ќе победиме“.
За него, 6 јануари означува „не крај на демократијата, туку почеток на ренесанса на слободата и фер-плејот“.
„Не ја барав оваа борба донесена во овој Капитол пред една година. Но јас нема ниту да се повлечам од неа. Ќе застанам на оваа пресвртница. Ќе ја бранам оваа нација и нема да дозволам никој да стави нож под грлото на демократијата“ – рече претседателот Бајден, одбележувајќи една година од нападот врз Капитолот.
Тој цврсто и со сигурност покажа со прст на Доналд Трамп како одговорен, не само кон толпата која на критичниот ден го нападна Капитолот. Во еден од твитовите, пред нападот, Трамп твитна: „Бидете таму, ќе биде лудо!“
Дојде времето за соочување со последиците од ужасниот напад врз демократијата. Претседателот Бајден изгледа цврсто решен да го прифати предизвикот.
Превод од англиски: Вјоса Ајдини
This post is also available in: English