Битка со инфодемија во време на пандемија

Граѓаните во ситуации како што е пандемијата со Ковид-19 се посензитивни на дезинформации и затоа е потребно проверката на факти да биде интегрален дел од новинарската дејност, треба системско јакнење на медиумска култура и медиумската писменост, додека социјалните мрежи најчесто се „тезгата“ каде се сервираат лажните информации, се само дел од тезите кои беа истакнати на панел дискусијата „Пандемија и инфодемија“ која се одржа на 1 декември 2020 година, во организација на ЦИВИЛ.

Панелистите истакнаа дека создавањето и дистрибуирањето на лажни вести и дезинформации во овој период останува голема. Некои вести во некои случаи се злонамерно пласирани, за да создадат забуна кај граѓан(к)ите.

На панелот учествуваа Јасна Бачовска, унивезитетска професорка, Филип Стојановски од Метаморфозис, Флака Положани, посебен советник за медиуми и радиодифузната дејност при МИОА и Петрит Сарачини, медиумски експерт и член на ЦИВИЛ. Панел дискусијата ја модерираше Дехран Муратов.

Филип Стојановски од Метаморфозис на панел дискусијата истакна дека улогата на новинарите е клучна во борбата против инфодемијата и дека новинарите треба да ги препознаат дезинформациите, бидејќи бевме сведоци како случаи на дезинформации предизвикаа немир или тензии во нашето општество, поради содржини кои се пуштени од центри на моќ. Таквите манипулативни содржини претежно не поминуваат низ новинарските филтри за да се проверат дали се релевантни.

„Имаме медиуми кои откако ќе се објави некоја дезинформација, потоа не објавуваат корекција, а би требало дури и да бараат извинување до читателите кои ги измамиле. Слично постапуваат и луѓето кои шират лажни вести. Граѓаните учат од медиумите како да постапуваат, односно, ако медиумите постапуваат неетички создаваат простор во кој неетично однесување станува норма“, вели Стојановски.

Тој потенцира дека поверката на факти не треба да е посебен жанр, туку треба да биде интегрален дел од новинарската дејност.

„Според истражување на Критинк, на 95 отсто од новинарите кои учестувватле во анкета им треба едукација за медиумска писменост, бидејќи ситуацијата со новите технологии е променлива и треба да се научиме на нив, тие вештини да се вградат во основното, средното и високото образование, особено за новинарите“, истакна Стојановски.

Тој додава и дека проверката на факти е само една гранка на новинарството, бидејќи е увидено дека не е единствено решение, потребно е заздравување на целиот систем, сите форми на новинарството, и доколку функционираат како што треба, би биле штит и јавен сервис.

„Сигурно не можеме да ги покриеме сите дезинформации што поминуваат во еден ден, премалку луѓе работат на тоа, премалку средства има за тоа“, нагласи Стојановски.

Унивезитетска професорка Јасна Бачовска на панел дискусијата „Пандемија и инфодемија“ истакна дека медиумската писменост е многу важна, но е запоставена, особено во високото образование.

„Јас сум премногу исплашена, многу ме вознемируваат некои појави, се прашувам на што сме жртви ние, сите тие работи почнуваат да не вознемируваат и ние кои работиме со оваа проблематика не сме имуни на тоа. Добивме крајно дезориентирани граѓани, тие млади со кои секојдневно работам чувствувам дека имаат голем проблем со перцепцијата на тоа што се случува во општеството. Треба системски да се јакне медиумската култура и јакнење на медиумска писменост, но тој начин е најбавен и затоа конзервативците удираат тука“, нагласи Бачовска.

Таа вели дека со години не може да се избори да имаме предмет – медиумско право.

„Ни требаат умни и професионални новинари, кои цел живот работеле во здравство на пример, тие ни се потребни, ја знаат работата, ние немаме специјализирани новинари, немаме помладок, известуваат во сите категории“, додаде Бачовска.

Таа прашува – Дали можеме да постигнеме секоја лага да ја уловиме, дали се што кажуваме е лага? Можеби е спротивен став или не знаење?

„Европа вика – оставете ја неутралноста. Се залагам за системски решенија, за медиумска писменост. Има разлика меѓу државите, само 20тина држави во светот имаат огромна слобода на говор, најмалку дезинформации, каде на соодветен начин се одоговорило на тоа. Некој е убеден дека не шири лага, и сметам дека процесот ќе биде долгорочен“, истакна Бачовска.

Петрит Сарачини истакна дека одредени истражувања од САД покажуваат дека граѓаните повеќе се информираат од социјалните мрежи, отколку од комерцијалните медиуми, и истото се случува насекаде во светот, па и кај нас.

Тој додаде дека социјалните мрежи најчесто се „тезгата“ каде се сервираат лажните информации.

„Во април и мај се случуваше секојдневно да имаме по 2-3 дезинформации, не како еден производ туку оркестрирано споделување на лажни вести и дезинформации. Имавме над 100 примери во екот на пандемијата, кога имавме рестирктивни мерки, кога сите беа дома, ги следеа овие информации и беа жртви на истите, не ги козумираат само, често и постапуваат“, додаде Сарачини.

Тој посочи дека во легислативата кога зборуваме за клевета, навреда, говор на омраза, јасно е до каде оди слободата и кои се ограничувањата.

„И кога определува некој суд или орган дали е нешто нарушување, прво тргнува од намерата, да се доведе јавноста до заблуда. Доколку има, тоа треба да се квалификува како некакво дело.

Традиционалните медиуми сакаа регулација на онлајн медиумите, имавме телевизии и весници кои одбиваат да отвораат онлајн страници“, истакна Сарачини.

Флака Положани, посебен советник за медиуми и радиодифузната дејност при МИОА, нагласи дека граѓаните во вакви ситуации како што е пандемијата со КОВИД-19 се посензитивни на дезинформации.

„Во изминатиот период се соочувавме со инфодемија за лажни вести со 5Г мрежата, на чуден начин беа поврзани и со висусот и не обезбедуваа простор луѓето да бидат заштитени од тие лажни вести и правилно да се информираат. МИОА во претходниот период има реализирано неколку активности со кои се обидовме да ја подигнеме свеста кај граѓаните. Граѓаните се тие кои најчесто ги споделуваат, а медиумите најчесто ги креираат лажните вести“, истакна Положани.

Таа додаде дека таа кампања била за да им се помогне на граѓаните да направат разлика за тоа што го споделуваат.

„Првите чекори беа превземени, но во наредниот дел како програма на Владата е предвидено креирање на стратегија против лажните вести, не знам колку е доволен механизам и не знам какви резултати ќе даде во пракса. Но, мислам дека е добар првичен чекор кој може да креира рамка за тоа како да се однесуваме во наредниот период и како што спомнав гледајќи го сето ова од аспект на човековите права. Се надевам дека ќе можеме да придонесеме во оваа област, ширењето на вестите особено на платформите е многу брзо но, мислам дека има простор и заедно со невладиниот сектор да ја конкретизираме таа агенда во рамките на една стратегија. Тоа треба да биде инклузивен процес каде ќе бидат сите чинители од областа“, додаде Положани.

Лажните вести и дезинформациите во текот на пандемијата предизвика и говор на омраза, особено на социјалните мрежи.

Д.М.