Бачовска: Со медиумска писменост против дезинформациите

Универзитетската професорка Јасна Бачовска на панел дискусијата на ЦИВИЛ, „Пандемија и инфодемија“ која се одржа на 1 декември, истакна дека медиумската писменост е многу важна, но е запоставена, особено во високото образование.

„Јас сум премногу исплашена, многу ме вознемируваат некои појави, се прашувам на што сме жртви ние, сите тие работи почнуваат да не вознемируваат и ние кои работиме со оваа проблематика не сме имуни на тоа. Добивме крајно дезориентирани граѓани, тие млади со кои секојдневно работам чувствувам дека имаат голем проблем со перцепцијата на тоа што се случува во општеството. Треба системски да се јакне медиумската култура и јакнење на медиумска писменост, но тој начин е најбавен и затоа конзервативците удираат тука“, нагласи Бачовска.

Таа вели дека со години не може да се избори да имаме предмет – медиумско право.

„Треба да се воведе предмет „Медиумска писменост“ во нашето образование, бидејќи наместо децата уште од  рана возраст да бидат медиумски писмени, ние имаме ситуација каде што наставниците им забрануваат да користат смарт телефони. А знаеме дека новата генерација не се информира од традиционалните медиуми, туку од социјалните мрежи или порталите.

Медиумска писменост мора да се воведе како посебен предмет во образованието, бидејќи тоа е суштински да го научите човекот како да се ориентира во тоа море од информации.

Ни требаат умни и професионални новинари, кои цел живот работеле во здравство на пример, тие ни се потребни, ја знаат работата, ние немаме специјализирани новинари, немаме помладок, известуваат во сите категории“, додаде Бачовска.

Таа прашува – Дали можеме да постигнеме секоја лага да ја уловиме, дали се што кажуваме е лага? Можеби е спротивен став или не знаење?

„Европа вика – оставете ја неутралноста. Се залагам за системски решенија, за медиумска писменост. Има разлика меѓу државите, само 20тина држави во светот имаат огромна слобода на говор, најмалку дезинформации, каде на соодветен начин се одоговорило на тоа. Некој е убеден дека не шири лага, и сметам дека процесот ќе биде долгорочен“, истакна Бачовска.

Д.М.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети