Данче Азманова, новинар во ТВ 21 која е една од учесничките на првите семинари на ЦИВИЛ посветени на граѓанското новинарство, пред камерата на ЦИВИЛ Медиа зборува за своето искуство на овие семинари и улогата на граѓанското новинарство во општеството.
„Можам да кажам дека двата семинари за граѓански новинари на ЦИВИЛ на кои учествував се како уште една поткрепа на она што сум денеска – новинар кој секогаш се залага најнапред да се слушне гласот на народот, а потоа и гласот на политичарите, затоа што тоа сме ние. Тоа е нашата работа.
Медиумските работници во земјава, за жал, фокусот го ставаат на она што го кажуваат политичарите. Постојано ги цитираат. Истовремено го занемаруваат народот, анкетите, ги занемаруваат нивните мислења и ставови, ги ставаат на маргините.
Јас сметам дека процесот треба да биде сосема поинаков и обратен, што и всушност беше поентата на обуката каде што имавме и конкретни примери, конкретни задачи што ги сработувавме. Овие семинари многу ми помогнаа и беа одлична основа за моето искуство како новинар веќе неколку години.
За традиционалните медиуми сметам дека се уште не се воведени во концептот на граѓанското новинарство и дека е потребна понатамошна едукација. Затоа што само одреден дел од новинарите се едуцираат за тоа што претставува граѓанското новинарство. Од друга страна пак, и постарите генерации на новинари сосема се изземени од овој концепт. Затоа сметам дека треба да се врши масовна, обемна едукација на таа тема со цел да можеме ние како медиумски работници повеќе да придонесеме за нашето општество. Да не останеме само на пренесени ставови и мислења туку и ние да направиме некаква промена“, вели Азманова.
На прашањето што би им порачала на граѓанките и граѓаните кои сакаат да започнат со граѓанско новинарство вели: „
На оние кои сакаат повеќе да се запознаат со граѓанското новинарство би им порачала да не чекаат ниту ден повеќе да ги земат пенкалото и мобилниот во рака и да се впуштат во акција затоа што ни требаат многу повеќе луѓе коишто ќе бидат граѓански новинари. Не мора да работат во телевизија или во некој друг медиум. Ни требаат луѓе коишто сакаат да направат некаква промена во општеството, а тоа е одличен почеток. Со тоа што ќе си граѓански новинар, со тоа што ќе имаш желба да направиш промена, тоа е се што е потребно за почеток“.
ЦИВИЛ веќе трета година го спроведува проектот Граѓански објектив кој е посветен на едукација на граѓанките и граѓаните за граѓанското новинарство како можност за промени во општеството и критика на медиумите кои недоволно се посветени на вистината и граѓаните.
Наскоро ЦИВИЛ повторно ќе организира регионални семинари во Скопје, Кичево и Струга. За подетални информации за аплицирање и учество на семинарите следете нè на веб и фејсбук страниците на Граѓански објектив.
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
This post is also available in: English