Средношколскиот активист и борец за средношколски права и слободи Анџела Арсенијевиќ во интервју за ЦИВИЛ Млади ги обелоденува вистинските проблеми на средношколците. Укажува на активизмот на поединечно ниво како, суштина на целокупните промени.
ЦИВИЛ Млади: Најголемиот проблем на учениците се чинеше дека е екстерното тестирање. Успеавме да го укинемe. Што останува на листата проблеми што ги мачат средношколците?
Арсенијевиќ: Според мене, екстерното никогаш не претставувало клучен проблем. Таквиот начин на тестирање само отсликува на кој начин се носат одлуките во образованието, кој ги донесува и колку не сме навикнати да се бориме против авторитети.
Втор проблем според мене претставува концепт за полагање матура и сите малверзации што при истиот се случуваат: препишување и поткажување за време на тестовите, купување проектни задачи, професори кои за интерно полагање даваат прашања кои ќе ги постават на испитот... Мислам дека би било поефективно да има приемни испити на факултетите. На крајот на краиштата, апсурдно е сите да сме академски граѓани.
Трет проблем е што не гледаме на училиштето како установа која поттикнува заедништво и љубопитност. За тоа не е виновен системот, туку и ние – учениците. Сами уништуваме училишен инвентар, фрламе отпад каде и да стигнеме, не почитуваме различни мислења од нашето и не се залагаме за повеќе вон-наставни активности... Не ни чини таквото опкружување ама наоѓаме оправдувања да продолжиме со пасивното однесување.
Имаме површно едуциран наставен кадар, кој не располага со доволно информации и вештини да поттикне ученици на размислување. Педагошкото однесување често е занемарено. Но, гледајќи на нивното образование, начинот на кој се вработени и платата која ја добиваат, не е чудно што сме во оваа положба. Од друга страна имаме и прекрасни професори кои се одлични во својата професија и кои оставаат траен белег на учениците.
ЦИВИЛ Млади: Колку средношколците учествуваат во носењето на одлуките во нивното училиште?
Арсенијевиќ:Во последно време, барем во моето училиште, забележувам прогрес. Претседателите од секој клас беа повикани на разговор и се дискутираше за можностите за прослава на матурска вечер. Исто така имавме избор да одлучиме кое фотографско студио и кога да биде фотографирањето за табло. Издејствувавме да ни се овозможат огласни табли на кои училишната заедница поставува информации за едукативни и културни настани, стипендии и размени. Се буневме три години за тоа што немаме сапун во тоалетите и преку училишната заедница конечно успеавме да издејствува да се набават сапуњери, кои наскоро ќе бидат поставени. Овие примери можеби звучат банално, ама ова е првиот чекор кој мене ми влева надеж. Верувам дека идните генерации ќе успеат да се изборат за носење на поважни одлуки.
ЦИВИЛ Млад: Колку им е овозможено правото на жалба, на учениците и како се спроведува во пракса?
Арсенијевиќ: Сите имаме право на жалба, ама на жалбата или нема одговор или е полн со изговори и банални аргументи со кои ни одговараат дека тоа што го бараме не е валидно. За тоа сме во најголем дел виновни самите. Да се жалевме колективно, истрајно и често немаше да бидеме игнорирани.
ЦИВИЛ Млади: Што е средношколска заедница, која е нејзината улога, структура и цели?
Арсенијевиќ: Училишна заедница е орган кој е составен од представник на секој клас во училиштето, со избрани претседатели на секоја генерација, и претседател на училишната заедница. Улогата е да биде канал помеѓу барања и иницијативи на учениците, и раководство на училиштето. Целите се остварување демократски пристап за носење одлуки и поттикнување колективна свест.
ЦИВИЛ Млади: Што би им препорачала на своите соученици?
Арсенијевиќ: И на ученици и на професори би им порачала дека до промени мораме сами да дојдеме, и за нив заедно да се избориме. Чекање промените да дојдат сами, преку министри, партии, директори, вонземјани и универзумот е комично. Ние сме одговорни за нашата средина и за состојбата која ја оставаме на идните генерации. Нас ако ни се живее во последна дупка на планетата сами сме виновни.
Промените се можни смао ако имаме доволно елан за да ги оствариме. За поквалитетно образование во иднина треба да се зајакнат и осамостојат основците за да прераснат во цврсти средношколци кои ќе знаат како да дојдат до својата цел.
Давид Стојановски