Антоновски: Предизвикот е како проверените и точните информации да ги истиснат лажните вести

ДРАГАН АНТОНОВСКИ, новинар

Медиумските слободи одат во пакет со демократските капацитети на општеството, на власта и медиумската писменост и демократски капацитети на новинарската фела. Просторот за изразување за јавен збор, настап, е огромен, ама професионалното новинарство има правила и мора да ја направи разликата помеѓу субјективното, диригирано, злоупотребено, лажно и професионалното кое мора да биде проверено, избалансирано и вистинито.

Сега борбата за медиумските слободи не е само да се обезбеди простор за изразување и пишување, сега борбата за слободите е да се победат лажните вести, лажните новинари и да се победи дезинформацијата во пакет со пропагандата. Сега е потребно да се преброиме и професионално издвоиме од матнежот во кој сѐ е изрелативизирано и демек сѐ е вест. Секој е новинар, експерт, сѐ е медиум и секому треба да му се дава значење, релевантност за јавен настап за слободно ширење на дезинформации, слободно клеветење… тоа не се слободи. Тоа е бербатење на медиумскиот простор, забуна кај полуписмената публика, дефокус од реалните состојби, политики и манипулација со јавноста.

Предизвикот со кој се соочува професијата денес е како вистинити, проверени и точни информации да ги истиснат лажните вести, професионалните новинари да не ги мешаат со  пропагандистите и  квази новинарите, а информацијата да не биде толку слободно злоупотребувана.

Ние сега чекориме во насока на подобрување на таа слика, но има уште многу работа околу медиумското описменување, и на газдите и на уредништвото и на публиката, предизвик за нови медиумски политики во интерес на информирањето и јавноста. Цело е кога има сѐ, тоа е слобода.

 


По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, сите содржини објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ на овој ден се достапни за објавување според лиценцата Creative Commons 4.0.