Повикот на ЦИВИЛ до своите членови, поддржувачи, соработници и сите заинтересирани граѓанки и граѓани да учествуваат во новата акција: Граѓански форум за учество во креирање на владините политики допре до голем број граѓанки и граѓани, активисти и поддржувачи на организацијата. На нашите електронски адреси веќе пристигнаа голем број пораки со артикулирани барања до идната влада, коишто веќе се објавуваат на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Активистката Анета Перковска пишува:
Пожелно би било оваа влада најпосле да се фокусира на вистинска програма против корупцијата во јавниот сектор. После фијаското со Катица Јанева треба да се формира посебен оддел во правната структура на опшетсвото кое ќе се бори со корупцијата. Сите вработени во приватниот сектор очајно чекаат на некакво превземање од страна на владините структури во поглед на ова прашање.
Живееме во дигитално опшество и многу е лесно да се детектира доколку некој јавен службеник троши повеќе пари од што заработува. Патувањата во странство и ескурзиите во светските метрополи не се покривааат со плата од 30.000,00 денари. Фокусот не треба да биде само на највисоко ниво, туку и на многу пониско, како што се службениците со кои граѓаните се среќаваат секојдневно, не може некој веднаш да добие Решение од Катастар, а некој да чека со години. Впрочем, тоа може многу лесно да се реши со редовна инспекција како онаа што се применува на приватните дуќани, фирми кои од нивните тешко заработени пари и плаќаат данок на државата. Ова е најголемата болка на сите граѓанки и граѓани кои што работат во приватниот сектор, и кои понекогаш се чувствуваат како граѓани од втор ред кога треба да посетат некоја институција. Дури и во време на корона, јавните службеници се граѓани од прв ред со ненеамалени плати, со работа од дома на кои тоа, верувале или не, многу им одговара. Овие граѓани и граѓанки во моментов размислуваат како да го поминат својот годишен одмор, а од друга страна имаме слој во опшеството кое едвај преживува.
Арогантноста која што владее кај овие службеници не треба повеќе да постои и треба еднаш за секогаш да сфатат дека тие се само вработени кои треба совесно да си ја вршат својата работа, а не со тоа што го сработиле да го сметаат за услуга направена спрема “обичните” граѓани. Овој ефект ќе биде постигнат кога и овие вработени ќе имаат ненајавена инспекција од одреден владин сектор кој ќе биде аполитичен и во кој нема да владее непотизам. Можеби ова е идеализам за Република Северна Македонија, но сепак се стремиме кон членство во Европска Унија и веќе треба да работиме на овој случај.
Сите што заминаа од оваа држава, која верувам дека сите ја сакаме без разлика на националноста, заминаа со реченицата: “Барем во оваа странска држава сите сме еднакви”, а таму се еднакви затоа што се преселиле во држава во која се почитуваат законите, а на законот на стрина, чичко, партија, итн.
Секој граѓанин или граѓанка посакува нашата држава да биде членка во ЕУ затоа што се знае дека тогаш ќе се почитуваат одредени правила и закони. Да се надеваме дека новата владата ќе се стреми кон оваа цел и така да создаде подобро опшество за сите свои граѓани и граѓанки затоа што сепак “дома си е дома”.