А Нискиот лет на претседателските кандидати

Дијана Тахири

Предизборната кампања за шестите претседателски избори официјално треба да започне на 1 април. Неофицијално, кандидатите во „низок лет“ си ги промовираат своите кандидатури, првично со отворање на официјални профили на социјалните мрежи, каде што ја известуваат јавноста за своите предизборни активности. ЦИВИЛ веќе спроведува долгорочен мониторинг на изборниот процес, а од денеска ќе води „изборна хроника“ на предизборните активности на претседателските кандидати и на структурите што ги поддржуваат, со цел да се детектираат нерегуларностите во предизборната кампања, што е дел од предизборниот мониторинг на организацијата.

Кандидатурите треба да се достават најдоцна до четврток пред полноќ во Државната изборна комисија, за да се утврдат на време евентуални неправилности. Независниот кандидат Блерим Река е првиот кандидат што ја достави својата кандадатура во ДИК.  Се очекува и Пендаровски и Силјановска до утре да си ги достават своите кандидатури.

Проф. Д-р Гордана Силјановска Давкова, претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ,  на својата официјална страница на Фејсбук ја известува јавноста дека ја финализира својата програма, и бара од јавноста помош за нови идеи. Очигледно е дека Силјановска веќе ја има започнато својата кампања, преку која ги изразува своите ставови и упатува остри критики кон политиките на сегашната власт и нејзиниот кандидатски опонент, Стево Пендаровски.

„Додека нашите властодршци како средновековни господари се гоштеваат на царски балови, Животот кој го ветија на македонските граѓани дојде само за нивните семејства. Република Македонија е социјална држава, а СДС направија пародија и од темелните вредности на уставот и од својата наводна “идеологија”. Дури 1% oд граѓаните имаат 14% од вкупниот приход. Ова зборува за огромна раслоеност меѓу 1% богати и останати сиромашни и не прави најнееднаква земја во Европа во однос на приходи. Стево можеби ти не го чувствуваш на твоја кожа, но Македонија е поделено и обесправено општество.“, пишува Силјановска на една од објавите на нејзината официјална страница на Фејсбук.

На официјалната страница на Фејсбук на претседателскиот кандидат од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски може да видиме многу фотографии од неговите посети на разни делови на земјата, во комуницира со евентуалните гласачи. Позитивна (не)официјална кампања, без говор на омраза, но веќе видена од минатите претседателски избори. Со додаток – успехот за издејствуваното членство во НАТО, а посебен акцент на здрави меѓуетнички односи и подеднаква грижа за сите граѓани без исклучок.

„Како претседател, силно ќе се спротивставам на секој обид на политичките партии за кочење или блокирање на државата. Партиите мора да се однесуваат одговорно, а напредокот на државата мора да биде над партискиот интерес.“, пишува Пендаровски на една од своите објави на официјалната фејсбук страница.

На својата страница, Пендаровски нема назначено ниедна академска титула.

На официјалната Фејсбук страница на независниот претседателски кандидат Проф. Д-р Блерим Река, преовладуваат видео објави од неговите гостувања на дебатни емисии во земјата и надвор од неа, во својство на претседателски кандидат, без речиси ниедно обраќање до електоратот, во манир на изборна кампања, освен јавната благодарност за поддршката од 10.000 потписи за неговата кандидатура.

На своите официјални страници, кандидатката и кандидатите го осудија терористичкиот напад во Нов Зеланд, и изразија жалење за семејствата на загинатите и граѓаните на Нов Зеланд, и повикаа на мир и толеранција помеѓу сите народи во светот.


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.