Граѓанското учество, чекор кон вистински демократско општество

ГРАЃАНСКИ ОБЈЕКТИВ: Сите ние сме граѓански новинарки и новинари. Ние сме медиумите! Тоа се често повторувани слогани во текот на проектот. имот на ЦИВИЛ постојано повторува дека е добро секогаш да се биде подготвен да се употреби телефонот, да се снима, фотографира или напише порака на некој од онлајн пријавите...

Во потрага по вистината, граѓанките и граѓаните се први што бараат точни, навремени, објективни информации за тоа што се случува во нивната непосредна средина, во градот или општината во која живеат, па сѐ до информации што се од јавен интерес во општествениот и политички дискурс.

ЦИВИЛ, во интерес на граѓанките и граѓаните, секогаш во промоција и заштита на човековите права и слободи, го започна проектот „Граѓански објектив“, меѓу другото и со цел да создаде безбеден и влијателен простор за активно учество, не само во идентификување на проблемите во општеството и нивно мониторирање, туку и објавување на информации и ставови за тоа што се случува, без цензура.  Граѓанското учество е чекор поблиску до едно здраво демократско општество во кое главниот збор во негово креирање го имаат токму граѓанките и граѓаните.

Популаризацијата на граѓанското новинарство, како влијателна алатка која може да придонесе кон општествените промени со активно учество на граѓанките и граѓаните, ЦИВИЛ ја спроведе преку јакнење на јавната свест, граѓанско образование, активизам, примена на технолошки алатки, медиумска писменост, како теоретска подготовка и преку практична, теренска работа, каде се користеа стекнатите знаења. Воедно, имајќи ги предвид недостатоците на граѓанското новинарство, тимот на ЦИВИЛ секогаш е на располагање да помогне во проверката и верификацијата на фактите од теренот, да ги консултира сите засегнати страни во една тема или сторија и да му даде дополнителни квалитети и професионално ниво на тоа што се објавува на медиумската платформа.

Спојувајќи го активизмот, основните новинарски вештини и храброста да се биде активен чинител во креирање на демократските процеси во еден критичен период, особено во медиумите, за нашата земја, ЦИВИЛ им ја дава моќта на граѓанките и граѓаните кои смело чекорат на првите линии во освојување на медиумскиот простор преку нивните активни заложби за слободата на изразување, човековите права и слободи, демократијата и за правото на граѓанинот да биде гласен, но и информиран објективно и без манипулации.

Сите ние сме граѓански новинарки и новинари. Ние сме медиумите. Тоа се често повторувани слогани во текот на проектот. Тимот на ЦИВИЛ постојано повторува дека е добро секогаш да се биде подготвен да се употреби телефонот, да се снима, фотографира или напише порака на некој од онлајн пријавите за пријава на нерегуларности, злоупотреба, говор на омраза, лажни вести, корупција, кршење на човековите права и слободи, социјални неправди, еколошки проблеми, загрозување на основните услови за живот…

Биљана Јордановска


ЦИВИЛ организира мултимедијален настан и панел дискусија на отворено на тема „Граѓаните за државата или државата за граѓаните?!“ денеска (25 јуни), во Мобилната галерија на ЦСУ, Градски Парк, со почеток во 20 часот. Овој настан е дел од проектот Граѓански објектив, финансиран од National Endowment for Democracy.