ЦИВИЛ забрзано се подготвува за семинарот „Транспарентност и одговорност во политичките процеси“

Со извонредно интересна агенда, како за пошироката јавност, така и за членовите на тимот на организацијата, во седиштето на ЦИВИЛ забрзано се прават последните подготовки на Семинарот за стратешко планирање, едукација и градење партнерства: „Транспарентност и одговорност во политичките процеси“. Агендата е комплексна и предвидува динамични работилници за членовите на проектните тимови на ЦИВИЛ и соработничката екипа од различни градови низ земјата, како и сесии отворени за јавноста.

Семинарот ќе се одржи на 14 и 15 август, во хотел „Романтик“, на брегот на Велешко Езеро. Бројот на учесници за отворените сесии е ограничен, па затоа, од организацијата повикуваат заинтересираните да го најават своето присуство, а го задржува правото на селекција на учесниците на настанот.

Специјални гости на семинарот се првата антикорупционерка, Билјана Ивановска, експертот за финансии, до скоро советник на екс-министерот Тевдовски, активистот за човекови права, Бранимир Јовановиќ, како и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Тие ќе говорат во сесии што се отворени за јавноста.

Излагањата на специјалните гости на семинарот ќе бидат добра основа за понатамошни активности на граѓанските организации и градење меѓусекторски партнерства за постигнување на повисока транспарентност и одговорност во политичките процеси на локално и национално ниво.

Еден од приоритетите на ЦИВИЛ секако е борбата против корупцијата, а учеството на Претседателката на ДКСК, Ивановска, ќе биде искористено како своевиден водич за понатамошни акции на организацијата, но и на потенцијалните партнерски организации и граѓански иницијативи во оваа област. Драгоцен ќе биде и придонесот на Бранимир Јовановиќ кој ќе говори за главната тема и односот меѓу ветеното и исполнетото во изминатиот период.

Јовановиќ, во јавноста попознат како активист за човекови права и социјална правда, инаку реномиран експерт за финансии и доскорешен висок владин службеник и Претседателката на ДКСК, Ивановска, која своето претходно професионално искуство и експертиза ги градеше во Државниот завод за ревизија, ќе фрлат светлина на најчувствителните сектори на функционирањето на системот. На овие теми и прашања логично се надоврзуваат искуствата од локалната самоуправа, за што ЦИВИЛ го покани да говори градоначалникот на Велес, Коцевски.

Меѓу говорниците на сесиите отворени за јавноста ќе биде и Џабир Дерала, Претседател на ЦИВИЛ кој, заедно со членовите на проектните тимови на организацијата ќе одржи презентации со примери за злоупотреби на јавни ресурси и коруптивно однесување на политичките партии и нивните функционери, како и презентација на проектот „Граѓански објектив: Транспарентност и одговорност во политичките процеси“. На затворените сесии на организацијата ќе се одржат работилници за стратешко планирање и едукација за различни области на работењето на организацијата во овие чувствителни области.

Претходно објавивме дека ЦИВИЛ нуди ексклузивна можност за ограничен број посетители да присуствуваат на презентации и излагања на извонредно жешки и актуелни теми. Поканата за аплицирање и агендата на отворените сесии е достапна онлајн, а за оние што нема да успеат да аплицираат или ќе бидат одбиени поради просторните ограничувања, ќе имаат можност да проследат медиумски содржини на ЦИВИЛ Медиа во кои ќе бидат објавени пораките и информациите што говорниците ќе ги споделат на семинарот.

ЦИВИЛ Тим за комуникации


Формулар за пријава

Покана за аплицирање и агенда на отворените сесии на семинарот

Дополнителни информации побарајте на: [email protected] или 02/5209 176 (секој работен ден, 9-17 ч.)

This post is also available in: AlbanianEnglish