Дијана Тахири
Претставувањето/кампањата на кандидатите за претседател на државата пред широката јавност и понатаму продолжува во ист манир. Никако сами, постојано во придужба на високи партиски функционери, коишто на секој можен начин си ги промовираат своите партиски програми на претседателска кампања. И понатаму, кампањата може слободно да се нарече парламентарна.
На трибините на претседателскиот кандидат на владината коалиција Стево Пендаровски, постојано се канети и присуствуваат гости за пополнување на културно-уметничката програма на вечерта, од бивши политичари, до естрадни уметници, актуелни политичари, и секако, неодменливото присуство на премиерот. Секој од гостите со своја приказна и свој значаен придонес кон искривување и нарушување на програмските определби и угледот на кандидатот, се разбира, без таква намера. Бидејќи, едноставно, толку им сече. Трибините на Пендаровски личат на боксерски рингови без огради, а како дополнително отсликување на рингот е самиот Пендаровски со неговите потскокнувања во обид да биде подостапен и поблизок со публиката. Заев му доаѓа како гостин – забавувач, а публиката, неубедлива и пред заспивање, со исклучок на емотивните изливи на поединки коишто сиот живот ги чекале своите пет минути да фатат микрофон и да им се чуе гласот.
Кампањските митинзи на Блерим Река недвосмислено потсетуваат на свечени конгреси од комунистичко време, со свечена и страхопочитувачка тишина од публиката. За уште повеќе да личи на комунистичка експресија пред народот што голта и се сложува со се што ќе каже говорникот, тука се говорите на Зиадин Села. Силни, прекорувачки, пророчки, мисионерски, лидерски, до засипнување и оштетување на гласните му жици. Река е малку несигурен кога се движи на отворен простор меѓу луѓе, толку што напати наликува на Бранко Црвенковски кога во минатото некој му потшепнал дека сепак ќе мора да има и личен контакт со живи луѓе. Сепак, Река покажува поголема присност, освен ако не му се загледате во погледот.
Силјановска -Давкова… Госпоѓа, заборавена од јавноста. Од нејзината фацијална експресија и говор на телото може да се заклучи дека и покрај јогата, не може да се опушти и да ја напушти вкоченоста и закоравените и контрадикторни ставови што се однесува до нејзиното евентуално претседателствување со земјата. Нелогична реченица, впрочем, како и нејзините изјави. Постојано се демантира и пак се потврдува, за утредента пак да се демантира. Но, тука е Мицковски, на којшто би можеле да му позавидат и најуспешните глумци на дворски шутови, да ја извади од сувата и досадна реторика, и да ги претвори претседателските митинзи во партиски.
За настапите на кандидатите на овие претседателски избори и нема што да се каже или искоментира во некаква повисока интелектуална смисла, освен сеирџиска, какви што им се и обидите за кампањи. Кампањи киднапирани од партиите што ги поддржуваат и застапуваат, односно, од лидерите.
Зошто би се киднапирала претседателска кампања од партии? Секоја од партиите што ги поддржува своите кандидати, е очигледно толку несигурна во своите иднини како политички субјекти во трка за водство и власт, иако државата има легитимна власт веќе две години, што посегнува по сите можности да се доискаже и да се натпреварува со противникот, дури и на претседателски избори. Ништо невообичаено, освен ако не се земе во предвид дека случувањата и договорите помеѓу партиите поддржувачки на кандидатите, пред вториот круг од претседателските избори, ќе бидат клучни елементи за поделба на власта на следните парламентарни избори, коишто сите политички субјекти во моментов ги користат како плашило еден против друг. Најпросто кажано.
Во Македонија, институцијата „Претседател“ е сведена на циркузантска претстава, за забава на широки народни маси, со марионетска позадина за којашто, искрено, не знам зошто некој би се согласил да ја предводи и претставува. Не во овие прилики. Освен, да си ја смири главата, и да си одмори пет години ( колку што е претседателскиот мандат), и да живее на државен трошок. Навистина, кој е предизвикот?
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.