Реакциите во јавноста по објавувањето на новите „бомби“ поставени на руска социјална мрежа ВКонтакте не стивнуваат. Дел од медиумите денеска пренесоа информација дека се објавени две нови бомби кои се однесуваат на комитетите на ВМРО-ДПМНЕ, како и на разговор меѓу Емил Стојменов и Јово Вангелов, актуелен претседател на Врховниот суд.
Овие снимки како и претходните четири кои вчера се проширија во јавноста, всушност, се објавени пред два дена на Јутуб каналот со истиот псевдоним Илија Громовник, но светлината на денот ја доживеаја вчера кога преку ВКонтакте беа споделени најмногу преку профили кои пропагираат бојкот на претстојните претседателски избори.
Ваквиот начин на објавување на дел од прислушуваните разговори преку анонимни канали не се случува прв пат. Истото се случи и во септември 2016 година два месеци пред одржувањето на парламентарните избори. И тогаш, како и сега, со објавувањето на прислушувани разговори, овој пат на само два дена пред одржувањето на претседателските избори со отвораат многу прашања. Кој сѐ ги поседува прислушуваните материјални освен истражните органи, уште колку од нив постојат а не се откриени и најважното, зошто тие се користат за пазарно предупредување пред избори?
Истовремено, мошне симптоматичен е и самиот факт што сето ова се случува во време кога се во тек и преговорите околу судбината на Специјалното јавно обвинителство, чие формирање се заснова токму на постоењето на овие снимки.
Она што секако нема да биде изненадување е можноста и во иднина да слушаме нови и нови прислушувани разговори, од проста причина што никој точно не знае кој сѐ ги поседува овие материјали. За потсетување, за разговорите кои протекоа во јавноста во септември 2016 година, а се однесуваа на политичката партија ДУИ, се велеше дека биле „продавани“ во Косово. Јавна тајна е и дека до неодамна истите можеа да се најдат на Бит-пазар.
Ниту една партија до сега не се огласи по повод објавувањето на последните „бомби“. Останува да видиме која е крајната цел на „анонимните“ рекетари.
ЦИВИЛ Тим за комуникации
This post is also available in: English