ЦИВИЛ-Центар за слобода организираше уште еден дводневен регионален семинар за граѓанско новинарство викендов во Штип.
На овој дводневен семинар беа опфатени најразлични теми кои им помогнаа на граѓанските новинар(к)и да се стекнат со вештини и практични знаења од областа на новинарството, но и човековите права и слободи, изборните процеси и општествено политичките случувања. Тие исто така се запознаа со основите на изброниот мониторинг, и навременото и објективно информирање и известување за општествените и политичките процеси.
На семинарот беа претставени и новите компоненти на проектот, кои на слушателите им овозможуваат директно учество во имплементацијата на проектот, како на медиумската платформа, така и во работата на ЦИВИЛ како огранизација за човекови права.
По теоретскиот дел и предавањата на тимот од искусни предавачи, вториот ден од семинарто учесниците имаа можност практично да ги применат стекнатите знаења на терен низ улиците на Штип.
Преку анкети, изјави, фотографии идните граѓански новинарки и новинари навлегоа во суштината на тоа што претставува граѓанското новинарство.
Семинарот беше и вовед во започнување на имплементацијата на компонентата „медиуми на заедниците“ чија цел е да формира два тима што ќе бидат финансиски поддржани од ЦИВИЛ да започнат свој блог или веб страница со информативни содржини за локалните настани.
#ГраѓанскиОбјектив е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа и за долгорочниот мониторинг на состојбата на човековите права и изборните процеси. Овој проект веќе четврта година придонесува кон развој на граѓанското новинарство во земјата. Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.