Претседателски избори што не се само избори

Биљана Јордановска

Анализа на изборниот процес во период 8 февруари - 21 март 2019 година

Државната изборна комисија ги распиша претседателските избори на 8 февруари. Една од најважните димензии на овој изборен процес е што начинот на негов спроведување ќе влијае на статусот на Република Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите.

Првичната оценка за овој период од распишувањето на 8 февруари до 21 март кога истече рокот за поднесување кандидатури за претседател на државата во Државната изборна комисија, е дека протече во релативно мирна атмосфера, во безбедносна смисла, но прилично турбулентен во однос на општата политичка состојба во земјата.

Предизборни калкулации

Ова се исклучително важни избори и за власта и за опозицијата. Особено што од овие избори и од оценката на меѓународната заедница за нивно спроведување ќе зависи и како ќе се одвиваат преговорите за членство во ЕУ. И, за жал, ова повторно нема да бидат само претседателски избори, туку политичка битка меѓу два политички концепти, битка меѓу определбите за прозападно, модерно и мултикултурно општество и оние на една конзервативна и етно-националистички позиции, свртени кон Истокот.

Но, претстедателските избори ќе покажат и колку власта успеала да им излезе во пресрет на очекувањата на граѓанките и граѓаните, колку успева да ги спроведе реформите што беа ветени за време на кампањата за предвремените парламентарни избори во 2016 на централно ниво и пред локалните избори во 2017.  Овој период, особено по успешната реализација на Преспанскиот договор и отворањето на вратите за членство во НАТО, ќе биде и тест за тоа дали овие процеси се доволни за стекнување на целосната доверба во јавноста, која често е скандализирана од неуспехот на реформите, особено во доменот на владеењето на правото.

Резултатите од претседателските избори за власта ќе значат и зацврстување или разнишување на позицијата. Долгорочно, за опозицијата ќе биде одлучувачки моментот, ако победи нивниот кандидат, за итно барање на предвремени парламентарни збори до крајот на годината. И сè во името на демократијата и перспективите на нацијата, што и да се подразбира под тој поим. За власта тоа значи мултикултурна заедница, за опозицијата, тоа значи доминација на македонската етничка заедница. Во таа смисла, ВМРО-ДПМНЕ, намерно или не, не ја сменија реториката. Напротив, по промената на името, уште повеќе ја засилија.

Острата спротивставеност на двете најголеми политички партии за историски значајните прашања за државата, постојаните меѓусебни обвинувања од двете страни, кочењето на реформите во речиси сите области, заглавените собраниски процедури, се само доказ дека, ниту по две години од владеењето на СДСМ, политичката криза не е надмината.

Под постојан притисок и тензии, власта беше принудена да калкулира за идеален кандидат за претседател до последен момент. Но, не само во сопствените редови, туку и со коалиционите партнери. Изборот падна на Стево Пендаровски кој беше кандидат и на изборите во 2014 година, изборен процес што ЦИВИЛ го оцени како изборна измама, а е дел и од истрагите на СЈО. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ, во потрага по личност што би била идеален заменик на Иванов, ќе ја пробаат среќата со „натпартиската“ кандидатка, Гордана Силјановска – Давкова.

Ниту кај албанскиот политички блок не изостанаа калкулациите. Останува да се види што и колку ДУИ добива со поддршката на Пендаровски и колку вреди поддршката на Блерим Река од Алијансата за Албанците и Беса. Ако Пендаровски ги има гласовите на ДУИ, каде ќе завршат гласовите на Река, доколку има втор круг на избори? Процената е дека станува збор за 70.000 гласови.

 

Кандидатури

По сите можни калкулации, ВМРО-ДПМНЕ одбра да поддржи „натпартиска“ кандидатка, Гордана Силјановска Давкова, која беше министерка и во времето на владеењето на СДСМ во 90-години од минатиот век, а запаметена е и како член на Управниот одбор на Сорос фондацијата во Македонија. Колку и да делува невозможно, со оглед на нејзиното политичко минато, ставот кон Преспанскиот процес ја направија идеално „жртвено јагне“ за ВМРО-ДПМНЕ. во таа смисла, Силјановска не е ни оддалеку нешто поинакво од сегашниот претседател Ѓорѓи Иванов.

Малку поголем проблем имаше во изборот имаше СДСМ. Партијата одолговлекуваше до последен момент, 3 март, кога на Конгресот на партијата конечно се одлучија за Стево Пендаровски. Претходно, објавија јавен повик за кандидати за претседател, на кој се пријави само професорот Ѓорѓи Филипов, поранешен амбасадор на Македонија во Германија, Австрија, Јапонија и Словачка. Филипов се откажа откако СДСМ и коалицијата се одлучија за Пендаровски.

Како независен кандидат во изборната трка влезе и Блерим Река, со поддршка на Алијансата за Албанците и Беса.

Фотографии од профилите на претседателските кандидати: Силјановска-Давкова, Пендаровски и Река.

Силјановска, Пендаровски и Река се и единствените што собраа доволно потписи за кандидатура. Силјановска и Пендаровски ја имаат и поддршката од по 30 пратеници на спротивставените политички табори во парламентот. Сите тројца го искористија крајниот рок за пријавување во ДИК.

Од изборната трка беа исфрлени Димче Петровски, Филип Петровски, Јосиф Петровски и Господин Поповски и Амди Бајрам.

Незадоволен од катастрофалниот биланс од собирањето на граѓански потписи (последен податок на веб страницата на ДИК е 1.375 потписи), Филип Петровски, сепак, вината ја префрли на ДИК, па тврди дека ДИК му украла над 16.000 потписи кои, наводно, биле собрани. Петровски се закани дека ќе ја тужи ДИК.

Партиски собири = предизборна кампања

Законски, како што велат од ДИК, за предвремена предизборна кампања може да се поднесе одговорност само од 21 март до 1 април, односно од официјалното поднесување на кандидатурата до официјалниот старт на изборната кампања. Сè останато се партиски собири.

За полесно спроведување на кампањските задачи под законскиот радар, кандидатите ги искористија социјалните мрежи како идеално средство за себе промовирање.

Силјановска, во духот на „транспарентноста и отвореноста“, со цел мајчинско заведување на граѓаните, го искористи својот Фејсбук профил за промовирање на програмата, собирање идеи и мислења за новитети за подобро и поквалитетно водење на државата... , сè што е потребно да се оправда довербата на нејзиниот политички покровител Христијан Мицкоски, кој никако не пропушта да ги соопшти резултатите од претседателските избори, односно дека Силјановска е сигурна победничка. Од друга страна, партиските собири и патешествија низ државата изгледаа како мини митинзи, генерални проби за официјалните што би започнале од  1 април.

Не помалку промотивен е и Фејсбук профилот на Стево Пендаровски. Неговите средби се во истиот дух на програмско истакнување на досегашните успеси, но и силна верба во следните, како сигурен, нели, победник во изборната трка.  Партиските собири и на Пендаровски се мини митинзи.

Единствена разлика е во реториката. Од една страна е пригодниот, полуотворен националистички говор на Силјановска, со примеси на говор на омраза и омаловажување на нејзиниот противник, а од друга страна е Пендаровски со позитивен, донекаде популистички, говор со кој ги шармира потенцијалните гласачи.

Блерим Река за многумина е новитет. Неговото име е можеби повеќе познато меѓу политички упатените и тоа претежно меѓу оние од албанската етничка заедница. Тој го помина овој период во дебатни емисии и објави за истите на Фејсбук профилот. Во овој период тој го избегнува јазикот својствен за изборна кампања.

Локални избори

Можеби фрлени во сенка на претседателските избори, но не помалку важни за граѓанките и граѓаните на Охрид, Дебар и Ново Село се предвремените локални избори.

Охрид и Дебар ги изгубија своите градоначалници поради смрт. Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски почина  ненадејно, а на Дебар, Ружди Љата по кратко боледување.

Градоначалникот на Ново Село, Борче Стојчев го фатија во шверц со цигари, по што доби казна затвор во траење од 18 месеци.

По ваквиот развој на настаните во овие општини минатата година, се распишаа и предвремени локални избори во нив, што ќе се одржат паралелно со претседателските избори.

 

Во Дебар за градоначалници се ќе се натпреваруваат д-р Хекуран Дука од ДУИ, актуелен вршител на должноста градоначалник на Општина Дебар и д-р Арбен Аголи од Алијансата за Албанците, поддржан и од движењето Беса.

Во Охрид, од СДСМ за градоначалник во оваа општина е д-р Константин Георгиевски, а од ВМРО ДПМНЕ, д-р Митре Милошевски. Освен нив, кандидатура најавиле и „Демократите“ со Стевче Стевоски кој на последните локални избори беше независен кандидат за градоначалник на Охрид.

Ново село ќе одлучува меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, правникот Николче Стоилков и на СДСМ, бизнисменот Никола Андонов.

ДИК

Можеби најлесно е да се зборува за ДИК, со оглед на нивното навремено информирање за сите тековни активности, но и признавање на некои од честите пропусти во изборните процеси.

За почеток, ДИК призна дека изборните одбори, системски, се најслабата алка, кои редовно се  причина за незадоволителните оценки од ЦИВИЛ во минатото, нешто што претходните состави на ДИК никако не ѝ го признаваа на организацијата.

Несоодветната методологија на обучување е една од причините за несоодветното однесување и работење на ИО што некогаш влијае не само на остварување на гласачкото право на граѓаните, туку и на крајниот резултат од изборите. ДИК вети дека ќе го подобри квалитетот на работа на избирачките одбори преку подолги и фокусирани обуки со едуцирани и сертифицирани предавачи од дома и од странство, што ќе траат подолго од 45 минути.

Новина што полека почна да се применува, под притисок на граѓанските здруженија, посебно од Инклузива, а со поддршка и од ЦИВИЛ, е посветеноста кон гласачкото право на лицата со попреченост. ДИК најави дека сите нивни седници ќе бидат придружени и со знаковен толкувач. Исто така, ветија и обид да обезбедат што е можно повеќе пристапни избирачки места за лицата со попреченост.

Она од што не отстапува ДИК е тврдењето дека Избирачкиот список е во добра состојба. Фантомски гласачи нема, а проблемите што се јавуваат со гласачи што ги нема на ИС, лица што не живеат на одредени адреси, починати лица, лица заведени на одредена адреса која не постои, се системски грешки. За нив, ДИК не чувствува одговорност, со оглед на тоа дека податоците при ажурирањето на Избирачкиот список ги собира од други институции. Во една прилика, претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, изјави дека Централниот регистар на население ќе биде од голема помош за надминување на истиот. Увид во Избирачкиот список направија 53.972 гласачи, а од странство ќе гласаат 1.781 гласачи. Само да потсетиме, во Избирачкиот список има нешто над 1,8 милиони гласачи.

Во пресрет на претседателските избори, ДИК подготви детална програма за едукација и информирање на гласачите. Едукативниот и информативниот дел за гласачите, како и медиумската кампања, според програмата, ќе започне паралелно со кампањата на кандидатите за претседател, односно на 1 април.

Корупција

Приоритет на власта беше и формирањето на Државната комисија за спречување на корупција. По речиси цела година неизвесност и перипетии, ДКСК се формираше точно пред распишување на изборите. Ниту изборот на новиот состав на Антикорупциска не помина без перипетии, но конечно се формираше со членови и претседателка кои офанзивно почнаа со предмети за непотизам, но и предмети поврзани со тековниот изборен процес.

ДКСК ги повика сите граѓанки и граѓани, институции и невладиниот сектор да ги известат за сите неправилности до кои ќе дојдат. ЦИВИЛ беше една од највидливите и највлијателните граѓанки организации што учествуваа во надминувањето на проблемите во оваа област.

 

Мониторинг на ЦИВИЛ

ЦИВИЛ во континуитет ја следи политичката состојба во земјата. Со распишување на изборите продолжи со поголем интензитет да ги следи состојбите на теренот и открија низа недоследности, нерегуларности и негативни појави во овој изборен процес.

Мониторингот на ЦИВИЛ, освен на теренското истражување на своите тимови, во голема мера се потпира и на пријавите од граѓанките и граѓаните, граѓанските новинари и пошироката структура на поддржувачите и членовите на организацијата.

Од прес конференциите на ЦИВИЛ за наодите од изборниот мониторинг

Затоа, од ЦИВИЛ охрабруваат, секој што сака да помогне во изборниот мониторинг може да придонесе кон одбрана на правото на глас со пријавување на нерегуларностите и испраќање на информациите во порака по електронска пошта ([email protected]), Фејсбук, по телефон (02 / 5209 176), на онлајн пријавата за изборни нерегуларности или лично во седиштето на организацијата во Скопје.

Како придонес кон подобрување на изборниот процес, но и запознавање на граѓанките и граѓаните за законските одредби при спроведување на претседателски избори, како да ги препознаат недоследностите, како да го заштитат своето право на глас, ЦИВИЛ објави серија едукативни текстови. Овие кратки, но многу значајни материјали, можат да се најдат во рубриката Избори 2019 на ЦИВИЛ МЕДИА. Исто така, од големо значење се и работните средби и соработката на ЦИВИЛ со надлежните институции за изборните процеси, ДИК, ДКСК, МИОА, МВР, како и со политичките и правните експерти и медиумите.

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.