Начинот на кој ние стекнуваме нови знаења и вештини, особено во училиштата, се базира на читање од книга, диктирање, пишување (или препишување) , „лекцијашко“ повторување на работите и најбитно од сè е испрашувањето и крајната оценка.
„Модерното време“ зазема се поголем простор и сакале ние или не станува наше секојдневие. Аудио и визуелните елементи како неизбежен дел од модернизацијата и нашиот секојдневен живот, наместо да бидат во најголем број застапени во училниците, тие се занемарени и како да не постојат.
Затоа, како ЦИВИЛ Млади, решивме да организираме настан на тема „Преку аудиовизуелизација и дебата до полесно и поефикасно учење“, но и да позборуваме малку повеќе за интернет зависноста кај средношколците.
Ве повикуваме во СУГС „Георги Димитров“ на 20 декември (среда) со почеток во 11:45 заеднички да го проследиме документарниот филм „Web Junike“, да позборуваме за зависноста од интернетот во Македонија и да поразговараме како можеме самите да придонесеме за позитивни промени кај нас самите и во начинот на нашето образување.
Ова може да биде поттик за сите основни и средни училишта да организираат што е можно повеќе вакви настани со кои преку аудиовизуелизација (филмчиња, презентации, клипчиња) и дебата младите, пред сè полесно ќе научат и ќе ги запомнат темите за кои дискутираат, а и ќе ја разбудат креативноста и почитувањето на различните ставови и мислења.
Доколку сакате, а не сте во можност да направите ваков настан во вашето училиште можете да се обратите на ЦИВИЛ (ЦИВИЛ Млади) и ние ќе направиме сè што можеме да дојдеме и да направиме еден неформален интересен настан од кој сите ќе научиме нешто повеќе.
Настанот го организираме во соработка и поддршка на ЦИВИЛ-Центар за слобода и Македокс.
Давид Стојановски