Неколку Роми од Скопје во неделата навечер се брутално претепани во Градскиот базен „Снупи“ во Велес, од десетина лица, меѓу кои имало и членови на обезбедувањето на базенот од агенцијата за обезбедување - СГС.
„Околу 19 часот, во неделата, ми се јавија на телефон дека во Велес во базенот ‘Снупи’ се истепани неколку Роми. Веднаш отидов да видам што се случува. Сликата беше страшна, неколку лица беа раскрварени, замотани со завои, а на едно момче му зашиле шест конци на главата. До 4 часот по полноќ бевме во полициската станица во Велес, да дадат изјава и да се направи записник од тепачката“, пишува граѓанскиот новинар и активист Геге Демировски.
За случајот ќе бидат известени сите надлежни институции, бидејќи граѓанскиот новинар е дециден дека „не смее никој да ги тепа Ромите само затоа што посетуваат базен или некое друго јавно место“.