ЦИВИЛ – Центар за слобода, во моментов доделува награди за граѓанските новинари за февруарскиот циклус на проектот „Граѓански објектив“ во хотелот „Сити Парк“, во Скопје.
Настанот го отвори уредникот на ЦИВИЛ Mедиа, Синиша Станковиќ. „Денеска сме собрани по вторпат за да ги доделиме наградите на граѓанските новинари. Ова е специфичен проект кој нашиот претседател Џабир Дерала од се срце го промовираше. Одржавме пет семинари на кои имавме околу 120 учесници и предавачи од македонската интелектуална елита, уметници, писатели, активисти за човекови права, а на секој семинар имавем и по еден македонски фоторепортер, признат и во светски рамки... За жал, Македонија е земја каде медиумите се пред умирање, но желбата да се зајакне свеста на граѓаните за неопходноста од активно вклучување и реагирање на кршењето на законите, не води во еден ваков проект за граѓански новинари“.
По уредникот, граѓанските новинари ги поздрави Марија Теговска, политиколог и новинар на ЦИВИЛ Медиа.
„Можноста која проектот 'Граѓански објектив' им ја дава на сите граѓани и граѓанки, да учествуваат во деликатниот политички процес во кој во моментов се наоѓа Македонија, е од непроценливо значење. На овој начин ЦИВИЛ претставува платформа преку која сите имаат прилика да дојдат до израз со своите идеи, информации со кои располагаат и талент“.
Пред доделувањето на наградите Теговска ги презентираше трудовите на граѓанските новинари кои учествуваа во проектот „Граѓански објектив“. Овие трудови ги оценуваше тричлена комисија, а ќе бидат доделени две четврти, едно трето, едно второ и едно прво место.
Првата четврта награда му е доделена на анонимен граѓански новинар од Валандово за неговата фото-вест: „Политички игри со петокраката“. Во кусата белешка на граѓанскиот новинар за „идеолошките“ противници во Валандово, кои во зависност од личната храброст се качуваат дење или ноќе на споменикот, за да ја постават/тргнат петокраката, има многу балканштина, селективна правда и типично македонско водење политика пред гранапче, целата приказна за споменикот на плоштадот е долга, и е мошне илустративен пример за историјата на овие простори.
Второто четврто место оди кај граѓански новинар од Куманово, за фотографијата „Знаењето е сила знаењето е моќ“. Граѓанинот според условите за учество во натпреварот „Биди граѓански новинар“ сакаше да остане анонимен, но испрати фотографија која според него ја отсликува желбата да се учи и напредува и покрај тешките егзистенцијални и животни услови. И покрај сите предизборни ветувања во Македонија се уште има голем број деца кои го сонуваат „компјутерот за секое дете“.
Наредните три награди ги додели Дехран Муратов, новинар на ЦИВИЛ Медиа.
Третото место го освои видеото „Дали медицинските лица се корумпирани?“ Анонимна граѓанка во разговор со двајца граѓани ги прашува за состојбата во македонските болници, по шпекулациите за бројни случаи на поткуп и мито на лекари и други медицински лица. Граѓаните не се задоволни од здравството и велат дека мора да им се стават пари во џеб на лекарите и да се фатат врски за да се заврши некоја работа во јавното здравство. Тврдат дека би се осмелиле да снимат со телефон таков случај, но сметаат и дека евентуалните снимки нема да променат ништо.
Второто место го освои Божидар Барлакоски за фотографии и видео-снимка на "Ноќна мобилизација во Прилеп за 'одбрана' на Уставниот суд".
Осум автобуси и два минибуса од Прилеп се упатија кон Скопје вечерта во 20 часот, за да се придружат на провладиниот собир за поддршка на Уставниот суд. „Не снимај, нема знамиња!“, извика едне возрасен човек кој преминуваше пешачки премин, брзајќи да се качи во автобусот кој му го посочи водачот на групата. Иако партиските симболи овојпат не беа јавно манифестирани, не може да има поочигледни „бајраци“ во толпата, од гласните разговори кои го зајакнуваат „патриотскиот дух“ и ги колнат, кудат и „чистат“ комуњарите од лицето на Македонија. На прашањето – „Каде одат овие автобуси?“, следеше одговор: „За Скопје, ќе играат ’Победа’ и ’Вардар’“, ни одговори еден друг возрасен човек иронично.
Првото место оди кај граѓанскиот новинар Митко Јанев, кој ги прашува велешани дали некогаш изборите биле регуларни и дали постои можност изборите на 5 јуни да бидат без нерегуларности. „Никогаш не биле регуларни, додека си ги вадиме очите едни со други, ништо не бива, се краде на изборите…“ се дел од коментарите на брачниот пар од Велес.
„Вакви случаи има многу во Македонија но многумина се плашат да проговорат, стравот владее, но се надеваме дека ќе дојде денот кога ќе се ослободиме од политичките стеги за лидерите да се плашат од нас а не ние од нив“, рече Митко Јанев.
Завршно излагање имаше претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала кој ги охрабри граѓанките и граѓаните да праќаат фотографии, видеа и текстови со изборни нерегуларности и кршење на човековите права во изборен контекст и на тој начин да учествуваат во натпреварот. Тој нагласи:
-Овој проект е мал но нуди големи можности, каде човек може да излезе низ прозорец и да викне гласно дека не може повеќе да издржи.
Тој го поздрави и успехот на видеото "Се кине каде што е најтенко", пример за кооперативно новинарство, каде тим на ЦИВИЛ Медиа соработуваше со граѓански новинар од Велес, Деан Симонов.
Во првиот јануарски циклус на проектот “Граѓански објектив”, ЦИВИЛ додели пет награди за фото и видео материјали кои беа објавени на веб страната на ЦИВИЛ.
И следните три месеци, петте најуспешни трудови секој месец, ќе бидат наградувани со вредносни ваучери за набавка на фото/видео и компјутерска опрема. Највисоката награда на месечно ниво е ваучер во денарска противвредност од 110 долари.
Секој што има паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, може да биде граѓански новинар и да се вклучи во проектот „Граѓански објектив“.
ЦИВИЛ ги охрабрува граѓан(к)ите активно да се вклучат преку истражување и медиумски активности во развојот на граѓанското новинарство и алармирањето за сите нерегуларности кои влијааат врз политичката состојба, преку пријави на закани, учени, политичка корупција, поткуп на гласачкото тело, злоупотреба на јавни ресурси и администрација.
Преку текстови, видео, фото и аудио записи, ќе придонесете заеднички да ја зајакнеме јавната свест и да формулираме јавни барања за слободни избори, засновани на доказите на вашите истражувања преку онлајн активизам, теренска работа, медиумски и јавни настани.
За учество во натпреварот „Биди граѓански новинар“, со пополнување на формуларот, кликнете ТУКА.
Билјана Еверет