Не е ли попаметно и за партиската коалиција околу власта и за партиите собрани во опозицискиот блок да се обидат, ете, можеби токму на темата за криптовалутите и за вакцинацијата, за промена, да излезат со заеднички усогласен став?
САШО ОРДАНОСКИ
Вака како што се одвиваат кавгите во јавниот простор, не може далеку да се стигне речиси на ниту една важна тема за македонското општество. На пример, саботното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ дека „власта краде струја за копање крипто-валути“ е исто толку бесмислено и простачки навредливо како и карактеризирањата дека слушнатите налудничави теории на заговор од саботните антиваксерски протести во центарот на Скопје се од луѓе блиски (или членови) на македонската партиска конзервативна десница. А и едната и другата тема се важни за времето во коешто живее целата заедница.
Не е ли попаметно и за партиската коалиција околу власта и за партиите собрани во опозицискиот блок да се обидат, ете, можеби токму на овие две теми, да излезат со, за промена, заеднички усогласен став?
На пример, што има „партиско“ во проблематиката на криптовалутите?! Зошто водечките сили во Собранието заеднички, за почеток, да не свикаат анкетна комисија во која би се сослушале банкарски, информатички, даночни, владини, невладини и што знам какви сѐ не други домашни и странски експерти кои би го започнале официјалниот разговор во земјава за потребата од анализа и регулирање на сферата на „дигиталните имоти“? Зошто е таа тема помалку важна за нашето секојдневие, во која се „нурнати“ илјадници граѓани кои разбираат по нешто или не разбираат ништо, а се изложени на ризици (меѓу кои и крадењето струја) што ги надминува нивните лични финансии или безбедносни консидерации (од пожари, до стабилноста на националната валута)? Кој вели дека таа расправа е поневажна од, на пример, собраниската декларација за „црвените линии“ во односите со Бугарија?!
Истото важи и за вакцинацијата: наместо да слушаме шаренолико дефинирани ставови на партиските лидери по интервјуа во медиумите, а потоа и беспоштедна меѓусебна „анихилација“ со партиски соопштенија за неопходноста од вакцинирање (да, со сите можни маргинални медицински компликации!), зошто во Собранието да не се иницира заедничка општо-партиска декларација за „црвените линии“ во однос на процесот на вакцинирање? Па, да видиме која од партиите и официјално не е за тоа, што секако не би ја спречило продолжената јавна расправа за можните злоупотреби, евентуалните корупции или лошите/добрите здравствени политики на власта во кој било дел од здравствениот систем.
Дали и овие теми не заслужуваат лидерски средби во Клубот на пратениците, наместо само оние за тоа кој кого ќе надмудри во составувањето ново мнозинство за владеење со државата (и нејзините/нашите ресурси).
Не е оваа „лекција“ ништо ново, дури и во глобални рамки, бидејќи нешто слично им се случи на големите, традиционални партиски формации од левицата, центарот и десницата со климатските промени и „зелените агенди“. Долго време овие теми беа турнати на маргините на политиката или беа само протоколарно третирани, оставени на невладиниот или алтернативниот партиски „сектор“, за откако „експлодираа“ со својата важност за животот на обичните луѓе, сега и најголемите еколошки политички аналфабети да се тепаат кој побрзо и кој повеќе ќе „заграби“ од грижата за природното окружување и „зелените политики“ во своите партиски манифести и предизборни прогласи. На страна тврдењата дека политичките партии се надминат политички конструкт што воопшто може да ги адресира овие проблеми…
Но, да не ја разводнувам почетната идеја на овој текст: Има ли дваесетина пратеници во Македонското собрание (Законодавниот дом, ееј!), од различни партиски провениенции, кои би побарале отворање расправа за „чудото“ наречено „криптовалути“ (и тој термин, велат упатените, е веќе застарен) или за донесување усогласена парламентарна декларација – макар и задоцнета – за вакцинација?
Моментот е дотолку подобар, бидејќи парламентарното мнозинство „виси на конец“, па кој и да ја преземе/зачува одговорноста за понатамошното владеење со земјата може само да има корист од овие иницијативи. Да не кажам дека големата општа корист за заедницата би била доколку воопшто, за нешто, заеднички и се согласат!