Можеби е време одговорноста што несебично ја презема Заев врз себе за неуспехот, при формирањето на новата влада да ја споделат порамномерно сите во власта што се „извозија“ на него по 2017 година? Или заради тоа не ќе можат ни да состават нова влада што ќе трае две и пол години?
САШО ОРДАНОСКИ
Каква е смислата да се смени кормиларот на Владата, а нејзиниот персонален состав и целата владина платформа да останат исти? Кој, предложен од СДСМ, би се нафатил да води таков, ист кабинет, кога „магионичарот“ за создавање мнозинства и компромиси, Заев, постигна изборен резултат заради кој си поднесе оставка? И, ако во компромисите е проблемот, има ли некој нов што на нив нема да се согласи, а владиното мнозинство да опстои?
Речиси секоја македонска влада е коалициски состав на „рогови во вреќа“, но оваа, заради познатите околности со бројот на освоени мандати во собранискиот состав, уште од 2017 се направи без „изворен“ ентузијазам. ДУИ е „дежурниот осомничен“ заради учеството во власта цели дваесетина години, заради што договарањето и спроведувањето на владините политики секогаш мора да ги земат предвид „историските“ кадровски, бизнис, политички и идеолошки консидерации на партијата на Ахмети. Комплексноста, „опашките“, коруптивните практики, но и континуираната успешност на изборите на кои учествува ДУИ, сакале нивните соработници во власта (а и во опозицијата) или не, ги прават партнер што не може да се игнорира.
Тоа, меѓу другото, а најважно, се однесува и на досегашниот начин на кој „екипата на Али (Баба)“ цврсто го држи под контрола потенциометарот на „албанското прашање“ во земјава, поради што е и главниот соговорник кај странците кои, отсекогаш, најмногу ги интересирала стабилноста на Македонија, по потреба на штета и на демократијата во земјата, на вечно нестабилниот Балкан. Алијансата на Албанците, на пример, многу „инвестираше“ да ги разниша тие позиции на ДУИ – во денот на првиот круг на локалните избори дури и им „дојави“ на Американците дека вооружени формации од ДУИ наводно се подготвуваат за изборно „делување“ на терен – но, ефектите не им се блескави. Ако ДУИ го „троши“ СДСМ во власта, тие се „потрошија“ себеси (а и Алтернатива), помагајќи му на ВМРО-ДПМНЕ во убедливоста на изборната локална победа.
Можеби сите можат нешто да научат од БЕСА, на пример? Касами и сега порачува дека „во овој случај (при составот на новиот владин кабинет – м.з.), не сум сигурен дали ќе гласаме за сите министри од ДУИ“…
Историски, секогаш кога на власт била констелација со повисок демократски капацитет – каква што е онаа што деновиве ќе ја напушти Заев (веќе го слушам хорот од несогласувања, но споредбите не се со Финска и Германија и нивните партии во опозиција и на власт, туку со нашите, домашни политички искуства) – во владината коалиција се води жестока, а и јавна борба меѓу самите коалициони партнери, поинтензивно отколку што тоа го гарантира „здравјето“ на самата влада. Како тоа ќе го менаџира следниот мандатар?
Тешко. Тоа значи дека и „долговечноста“ на таквата влада може да се претвори во „технички“ мандат до свикување вонредни избори, кога ќе се инсталира и вистинска техничка влада стотина дена пред изборите. Тоа е реална опција, не само заради разбирливиот силен налет од победничката опозиција, туку и заради неподготвеноста на самите коалициони партнери да ги реформираат своите кадри и политики за периодот од наредните две и пол години, колку што се преостанати од регуларниот мандат на оваа Влада. Гласачите – и оние кои излегоа и оние кои не излегоа на локалните избори – јасно ставија до знаење дека на Заев повеќе не му веруваат, но тешко дека неговата висока демократска свест да си замине од чело на Владата е потег што подолгорочно ќе ја санира штетата на начинот на кој ја испорачаа гласачите.
Се разбира дека времето е критичен фактор во целата приказна. Од една страна, доколку ова владино мнозинство во Собранието реши да продолжи да владее, во прашање се денови до номинација на нов мандатар, со своја програма и со состав на свој кабинет. Од друга страна, здодеаноста од постојани избори во државава е порака од јавноста која и на опозицијата, во победничката еуфорија што ги зафати, може да им се „тресне од глава“ на вонредни избори, па после да се чудат што ги снашло, како сега овие во СДСМ. (Додуша, во опозицијата, вообичаено, одамна никој не си поднесува оставка по изборни дебакли, бидејќи за нив сите порази, миракулно, биле, всушност, математички прецизни победи… И затоа дополнително и доживотно го мразат Заев.)
Од трета страна – и тука да престанеме со анализа на „страните“ – реално е деликатен периодот што ни претстои, економски, енергетски, пандемиски, социјално, меѓународно… Можеби е време одговорноста што несебично ја презема Заев врз себе за неуспехот, при формирањето на новата влада, да ја споделат порамномерно сите во власта што се „извозија“ на него по 2017 година?
Којзнае дали ваквата свест некому таму ќе му дојде, што би рекле Србите, „из дупета у главу“… Ако не, па, довидување на вонредни избори!