Искуствата на организациите коишто повеќе години наназад ги набљудуваат изборите велат: за да се спроведе ваков сложен процес на изборно набљудување, кој подразбира ангажирање и тренинг на стотици луѓе, потребни се најмалку неколку месеци. Дали е возможно да се спроведе регрутирање и обука на изборни набљудувачи и набљудување на изборите со толку куси рокови на повиците за регрутирање, какви што ги има АКСИОС 2017?
ПЕТРИТ САРАЧИНИ
На годинешниве локални избори, јавноста повторно слушна за организацијата „Аксиос 2017“, која освен со изборни набљудувачи, овој пат е актуелна и со објавување на спорни предизборни анкети. За „Аксиос 2017“ се знае многу малку. Организацијата нема своја веб страница, ниту објавени јавни податоци, немаат јавни настапи, ниту пак некаде може да се прочита повеќе за организацијата и нејзините активности, раководителите, истражувачите или вработените.
Според малкуте податоци што се достапни преку документите на ДИК и изборната архива на Институтот за демократија Социетас Цивилис, првото изборно набљудување на АКСИОС 2017 е за време на претседателските избори, кога оваа организација била акредитирана за изборно набљудување со 329 изборни набљудувачи. Но, освен овој податок, нема никакви други податоци за тоа како организацијата ги регрутирала своите набљудувачи, дали имало јавен повик и селекција на кандидати и кога се случило тоа.
Редакцијата на ЦИВИЛ Медиа побара податоци за оваа организација и во Централниот регистар. Од 3 организации што во својот назив го користат името „АКСИОС“, 2 се организации кои се релативно познати за јавноста и се бават со уметност и археологија.
Третата организација, која носи целосен назив „Здружение на граѓани за развој и промоција на туризмот, одржлив развој и човекови права АКСИОС 2017“, и кратко име „АКСИОС 2017 Скопје“ е единствената што би можела да биде иста со организацијата, која е актуелна како набљудувач на изборите, но од неодамна и објавувач на предизборни анкети.
Според податоците на Централен регистар, седиштето на оваа организација е во населбата Хиподром во скопската општина Гази Баба, како цели на организацијата се наведени „Развој и промоција на туризмот, Промоција и заштита на културното наследство, Поттикнување на меѓугранична соработка, Одржлив развој, Заштита на животната средина, Промоција и заштита на човековите слободи и права“. Прилично хетерогено портфолио и области на дејствување, но ниту на интернет ниту во медиумите не може да се прочита ништо за активностите на оваа организација во овие области.
Како сопственик на организацијата е наведено лицето Ѓоко Стојчевски, а како овластено лице Димитар Пеовски, со адреса идентична со онаа на организацијата. Но, ниту за овие две имиња не може да се најдат никакви јавни податоци за активности во посочените области на дејствување.
На наведената е-маил адреса во документот од Централен регистар, редакцијата на ЦИВИЛ Медиа испрати прашања до оваа организација во врска со изборното набљудување и спроведувањето на предизборни анкети.
АКСИОС регрутира 800 набљудувачи на неполни две недели пред избори?
Оваа организација беше акредитирана од ДИК (74та седница на ДИК, 7 јули 2020) и за набљудување на Предвремените парламентарни избори во 2020 година.
За разлика од други набљудувачки организации, кои спроведуваат процес на регрутирање и селектирање на кандидати за набљудувачи што трае и по неколку месеци, за Предвремените парламентарни избори лани, „Аксиос 2017“ објави и испрати до медиумите јавен повик за набљудувачи за парламентарните избори на 3 јули 2020, само 12 дена од одржување на изборите.
Според соопштението од самата организација што беше објавено од МИА и други медиуми на 3 октомври 2021, АКСИОС 2017 ги набљудувала ланските избори со 800 набљудувачи.
Во повикот за набљудувачи на АКСИОС2017 се вели:
„Заинтересираните граѓани кои сакаат да се пријават за акредитирани набљудувачи и волонтери можат да се пријават најдоцна до 07 јули 2020 до 10 часот, на следнава адреса: [email protected], со испраќање на податоци – име, презиме, адреса на живеење според лична карта, датум на раѓање и контакт-телефон. Кандидатите за набљудувачи – волонтери треба да се македонски државјани, да имате навршено 18 години на денот на пријавувањето, да имаат искуство при набљудување на претходни изборни процеси и да сте подготвени непристрасно да ги вршите задачите на набљудувач“.
Од овој период датираат и првите јавни објави зад кои стои организацијата. „Аксиос 2017“ ја формира својата Фејсбук страница на 20 јуни 2020, само 25 дена пред Предвремените парламентарни избори. Во овој период, објавени се вкупно 7 поста, од кои повеќето се за излезноста на гласачите на денот на изборите 15 јули, една објава е повик за набљудувачи пред изборите, а една е соопштението со кое се најавува учество на организацијата како набљудувач на изборите.
Ниту на Фејсбук страницата, ден-денес нема никакви податоци за организацијата, освен е-маил адресата [email protected], употребена и за повикот за набљудувачи за Предвремените парламентарни избори во 2020 година.
Дали е возможно да се спроведе регрутирање и обука на изборни набљудувачи и набљудување на изборите со толку куси рокови на повиците за регрутирање, какви што ги има АКСИОС 2017?
Искуствата на организациите коишто повеќе години наназад ги набљудуваат изборите велат нешто сосем поинаку. За да се спроведе ваков сложен процес кој подразбира ангажирање и тренинг на стотици луѓе потребни се најмалку неколку месеци.
„Вообичаено процесот трае 2-3 месеци, во зависност од изборите (дали се со еден или два круга) и останатите фактори. Она што треба да се напомене е дека подготовките почнуваат уште пред самото распишување на изборите, а барањето за акредитација за набљудување се поднесува веднаш по распишувањето на изборите. Сето ова се прави за да има доволно време за обука на сите видови набљудувачи, а и за да се следи комплетно целиот процес од почеток до крај. Повикот за набљудувачи на изборниот ден завршува неколку седмици пред гласањето, за да има доволно време за нивна обука до изборниот ден“, објаснува Златко Димитриовски од Граѓанската асоцијација МОСТ, која има долгогодишно искуство во изборното набљудување во земјава.
Димитриовски, посочи дека МОСТ прво ги обучува регионалните координатори, или т.н. долгорочни набљудувачи кои го следат политичкиот контекст и кампањата и кои во своите региони/општини регрутираат краткорочни набљудувачи што се распоредени на изборниот ден. „Обуките за краткорочните набљудувачи ги спроведуваат регионалните координатори во соработка со централната канцеларија и на оваа обука набљудувачите се запознаваат со целокупниот процес на гласање, нивните права и обврски, како и сите останати неопходни аспекти кои може да им бидат од корист при нивната работа“, вели Димитриовски од МОСТ.
Особено важно за јавноста е транспарентноста и отчетноста на набљудувачките организации во однос на активностите и финансирањето.
„Се разбира, редовно и прецизно информирање за наодите, како и доставување на транспарентни информации за поддржувачите на проектот“, истакна Димитриовски за ЦИВИЛ Медиа.
МОСТ обично издава еден периодичен извештај пред денот на избори, кој што ги содржи наодите за политичкиот контекст и евентуално дел од изборната кампања (во зависност од денот на објавување на извештајот). Во текот на самиот изборен ден МОСТ одржува по неколку прес-конференции на кои ја известува јавноста за состојбата на избирачките места и евентуалните забележани предизвици при гласањето.
„По изборниот ден, МОСТ ја дава прелиминарната изјава за изборите, која, како што името кажува, содржи прелиминарна оценка за тоа како се спровеле изборите, не само на изборниот ден, туку таа се однесува на целокупниот процес од самото распишување на изборите и ги опфаќа сите негови аспекти“, истакна Димитриовски.
Месец-два по изборите, МОСТ го издава финалниот извештај во кој се содржани сите наоди за целокупниот процес, статистики добиени од извештаите од избирачките места, како и препораки за подобрување на процесот.
„Во цел овој процес на информирање на јавноста мора да се истакне дека организациите кои ги набљудуваат изборите треба да даваат само точни и проверени информации, впрочем како што тоа го налага и самиот Кодекс за набљудување на изборите од ДИК кој организациите кои ги набљудуваат изборите се должни да го почитуваат“, посочува Димитриовски од МОСТ.
Но, од она што може да се забележи во ова истражување, организацијата АКСИОС 2017 не ги спроведува ниту исполнува најголем број од овие стандарди во однос на организација на набљудувањето и транспарентноста пред јавноста.
Редакцијата на ЦИВИЛ Медиа се обиде да стапи во контакт од АКСИОС 2017, преку е-маил адресата наведена во нивниот повик за набљудување, што е единствен јавно достапен контакт со нив. До затворање на овој текст, не добивме одговор на нашите прашања.
„Граѓанско“ набљудување со партиски набљудувачи и притисоци врз други граѓански набљудувачи
На денот на изборите, 15 јули, 2020, во еден од дневните извештаи од мониторингот на ЦИВИЛ објавен во 13 часот, регистриран е инцидент со набљудувач на АКСИОС 2017, кој инаку бил претседател на локален партиски огранок во Св. Николе.
„Во две различни избирачки места во Свети Николе пријавен набљудувач на АКСИОС 2017, препознаен како Претседател на Општински комитет на една политичка партија во Свети Николе. Тој во едно од Избирачките места на присутните набљудувачи од Цивил и две други организации почнал да ги брка, со зборовите дека „тие се партиски и не смеат да се тука“. Атмосферата станала тензична. Додека се случува ова, Претседателот на Иизбирачкиот одбор бил излезен надвор на цигара. Кога се вратил, зборувал со него и рекол дека нема потреба инцидентот да влезе во записник“, стои во извештајот на набљудувачот на ЦИВИЛ.
Меѓу изборите во 2020 и 2021, само две јавни објави: поддршка за МК фудбалска репрезентација и честитка за Велигден
Интересно е тоа што АКСИОС како организација, ако се суди според она што е објавено на нејзината Фејсбук страница, единствено место каде може да се најдат нејзини објави, помеѓу парламентарните изборите во јули 2020 па се до септември 2021 има само две објави. Едната од нив е пост со поддршка за македонската фудбалска репрезентација за време на Европското првенство, и една честитка за Велигден.
По овој период без речиси никаква активност освен овие две објави, во пресрет на Локалните избори, на 16 септември 2021, на месец дена пред нивното одржување, на Фејсбук страницата „Излези да гласаш“ објавен е повик на организацијата за набљудувачи волонтери.
На 1 октомври 2021, 3 дена по стартот на кампањата а 17 дена пред одржувањето на изборите, до медиумите е испратено соопштение дека Аксиос 2017 ќе ги набљудуваат локалните избори.
Според Државната изборна комисија, досега акредитирала 512 од најавените 800 набљудувачи за локалните избори што ќе се одржат во недела на 17 октомври.
(ПРОДОЛЖУВА, во следниот дел: Ем набљудувачи, ем анкетари)
This post is also available in: English