Валканото оружје на криминалните структури (2)

Во првиот дел од оваа анализа, стана збор за говорот на омразата, како едно од најважните оружја на криминалните структури во политиката и за тоа кои се ефектите, пораките и мотивите за лансирање и водење на валканите кампањи. Во продолжение, прочитајте за тоа како и кој ја креира омразата, обемот на операциите и на групите кои сеат омраза и неколку размислувања за ефектите и решенијата.

ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛОБОДАТА НА ИЗРАЗУВАЊЕТО

Зад црната пропаганда која се служи со говорот на омразата, предизвикан од лажни вести, дезинформации и потпалувачки говор, стојат политички структури кои вешто ги злоупотребуваат човековите права и слободи, особено слободата на изразувањето, во своја корист. Тие не се воздржуваат ни од кривични дела во своето политичко и јавно дејствување, иако најчесто се работи за групации за кои веќе постојат низа истраги, обвиненија или силни индикации за тешки криминали. Тоа се богати структури кои можат да си дозволат да платат советници и да изградат „трол фабрики“ или да користат услуги од веќе постојните „капацитети“.

Исклучително ниското ниво на изразување, исполнето со гнасни и вулгарни изрази е една од највидливите карактеристики на ваквото дејствување. Нивната политичка ориентација не секогаш е декларирана отворено, бидејќи се оди на промовирање на пораката „сите се исти“. Сепак, од содржината на пораките што се упатуваат, јасно е дека се поддржуваат политиките на сегрегација и дискриминација на десничарските политички партии во земјата.

КАДЕ СЕ КРЕИРА ОМРАЗАТА?

Во ниеден момент, политичките партии, што се поддржани од структурите на онлајн насилниците, не искажале несогласување со ваквиот начин на артикулирање на политичките ставови во јавната комуникација. Тоа е донекаде и разбирливо, бидејќи оваа кампања, всушност, е креирана во самите политички партии.

Политичките лидери и функционери во политичките партии и самите се впуштаат во неконтролирано дивеење на социјалните мрежи, употребувајќи со прикриени, но неретко и сосема отворени националистички пораки, потпалувачки говор, екстремистички и крајно приземни изрази. Такви примери може да се најдат кај функционери и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, но и кај другите политички партии и од македонскиот и од албанскиот политички блок.

КОЛКАВ Е ОБЕМОТ НА ГРУПИТЕ ЗА СЕЕЊЕ ОМРАЗА?

За јавноста е важно да знае дека, колку и да изгледа голема кампањата и дека ужива масовна поддршка (лајкови, споделувања, коментари), се работи за релативно мали структури кои користат професионални и софистицирани начини да допрат до голем број луѓе, особено корисници на социјалните мрежи. Сепак, нивното дејствување предизвикува сериозни последици.

Влијанието на црната пропаганда почнува во моментот кога луѓето ќе помислат дека зад нив стојат големи бројки. Но се работи за маркетиншки трикови и манипулации, а за тоа се потребни пари. Политичките партии располагаат со стотици илјади, па и со милиони евра, како од буџетот на РСМ, така и од приватните спонзори и донатори, а не смее да се заборават ни силните индикации дека располагаат и со црни пари чии извори, според одредени истражувања, доаѓаат од странски антизападни центри на моќта.

ЕФЕКТИ И РЕШЕНИЈА

И така, додека организациите на граѓанското општество спроведуваат релативно тромави и премногу исплакнати кампањи и проекти, пропагандната машинерија на десничарските политички структури и центри на моќта спроведуваат далеку поефективни кампањи. Медиумите, пак, се заглавени во тоа што во теоријата и праксата се нарекува лажна објективност. Така, во медиумите им се отстапува подеднаков простор на двете спротивставени страни во оваа пропагандна војна (компарација: пет минути за Евреите, но и пет минути за Хитлер). Со тоа, медиумите се претвораат во огласни табли, наместо општествен ресурс кој е во потрага по фактите и вистината. И онака, за вистината веќе никому не му е грижа, но тоа е предмет на посебна анализа.

Решението за овие предизвици пред кои се наоѓа македонското општество е едноставно, наспроти целата комплексност на проблемот. Институциите, особено Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, како и сите останати релевантни институции, имаат законска обврска да излезат во заштита на јавниот интерес и безбедноста на граѓанките и граѓаните. Понатаму, јавноста, граѓанското општество и медиумите, имаат законска, морална и професионална обврска да обезбедат услови за пристојна, достоинствена и аргументирана дебата во општеството, а не за континуирана контаминација на јавниот просто со крајно валкана пропаганда.

Исклучително важно е граѓанките и граѓаните да не дозволат да бидат жртви на манипулации и заплашувања кои доаѓаат од пропагандните центри кои промовираат поделби, страв и насилство. Со неодговорното ширење на омразата кон одредени јавни личности и реално се поттикнува насилство против нив. Доволно е само да кажат не за црната пропаганда и да ги проверуваат информациите и вестите, колку и да изгледаат уверливо.

(продолжува)