По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември, ЦИВИЛ организираше панел дискусијата под наслов „Рампа“, посветена на (не)прифатеноста на лицата со попреченост во општеството, како и на процесите за деинституционализација и пристапноста до услугите од институциите на локално и на национално ниво. Целта на овој ден е да се зголеми јавната свест, разбирање и прифаќање на лицата со попреченост.
Оваа издание на СКЕН - политички видео магазин го посветивме токму на рампите во општеството, нивната симболика, но и физичка потреба за лицата со попреченост. На листата апели се надоврзува барањето на ЦИВИЛ за подеднаков третман, еднаквост и пред сè почитување на нивните човековите права и слободи.
ЦИВИЛ бара лицата со попреченост да бидат дел од структурите за донесување на одлуките, да бидат директори, раководителки, раководители, пратенички и пратеници, членови на Влада, членови на парламент. Да се крене рампата и да им се дадат еднакви можности во ова општество кое долго време гледаме дека се залага за изградба на едно општество за сите. ЦИВИЛ во првата година од постоењето, пред речиси 20 години, реализираше една од првите активности како организација – поставување на пристапната рампа, првата таква изградена во соработка меѓу невладина организација и државна институција.
Учесници на панелот беа Сандра Пешевска Мицковска, активистка за правата на лицата со попреченост, Благица Димитровска од здружението „Инклузива“, градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, Вангел Тркаљанов и Душан Томшиќ од Министерството за труд и социјална политика.
Борбата за целосна инклузија на лицата со попреченост е тешка и макотрпна. Стереотипите, дискриминацијата, предрасудите, говорот на омраза, маргинализирањето се општествени, политички, економски и социјални недоследности со кои оваа категорија на луѓе секојдневно се соочуваат. Јакнењето на јавната свест, промената на менталитетот кај граѓанките и граѓаните преку едукација и информираност, очигледно не се доволни. Она што апелираат и самите лица со попреченост е итни мерки за заштита на нивните човекови права и слободи со подеднакво уважување како и за сите луѓе во земјата и светот.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Во соработка со Ариан Мехмети и Џабир Дерала
This post is also available in: English