На Фејсбук страницата „ВМРО YМС Гази Баба“ вчера беше објавено видео на кое се гледа како активисти чии лица не се гледаат, го палат знамето на Република Бугарија, со коментар: „одговор на заедничката историја“. Во позадина на објавениот видео материјал се слуша и химната на ВМРО-ДПМНЕ. Линк до видеото.
Фејсбук профилот „ВМРО YМС Гази Баба“ денеска е преименуван во „ВМРО УМС Гази Баба“. Инаку, првата објава на овој профил е пред два дена, односно откако Сверна Македонија доби вето од Бугарија за отпочнување на датумот за преговори со Европска унија.
Видеото го споделиле над 2 илјади лица на своите Фејсбук профили, а има над илјада коментари кои се претежно со говор на омраза или навреда по етничка основа.
Видеото го споделуваат и голем дел од граѓани на Бугарија или се декларираат како Бугари.
За палењето на бугарското знаме реагираа и од Министерството за надворешни работи, од таму велат дека го осудуваат овој чин.
„Палењето на знамето на Република Бугарија најостро го осудуваме, како евтин и неуспешен обид да се предизвика омраза меѓу граѓаните во двете држави, како и да се нанесе штета на угледот на Република Северна Македонија. Во оваа прилика сакаме да упатиме апел до граѓаните да не потпаѓаат под ваквите провокации, чија намена очигледно е нечесна и е во спротивност со стратешките интереси на државата да ги негува и развива добрите односи со соседите“, велат од МНР.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие не стојат зад овој профил и дека е црна пропаганда за Мицкоски. Додаваат дека е лажна вест дека членови на УМС на ВМРО-ДПМНЕ го запалија бугарското знаме.
Меѓутоа, на Фејсбук профилот на УМС Гази Баба до овој момент нема соопштение или оградување и осудување на палењето на бугарското знаме.
Побаравме одговор од МВР дали ќе реагираат и ќе спроведат истрага за пронаоѓање на лицата кои го запалија знамето на Бугарија, но не добивме одговор до моментот на објавување на содржината.
Дехран Муратов