„За слобода! – граѓанското новинарство за слободата на изразувањето“ е тема со која ЦИВИЛ - Центар за слобода во петок, на 16-ти септември, со почеток во 19:00 часот, на Градскиот плоштад во Куманово ќе го презентира проектот за граѓанско новинарство „Граѓански објектив“.
По успешната обука за граѓански новинари, и останатите заинтересирани граѓани на Куманово ќе имаат можност да проследат видео-проекција од трудовите на досега наградените граѓански новинари во наградниот циклус „Биди граѓански новинар“. А членовите на тимот на ЦИВИЛ ќе бидат достапни за споделување на сите информации за проектните активности, но и да одговорат на прашањата на заинтересираните граѓанки и граѓани за политичката ситуација и за останатите проекти на ЦИВИЛ.
Граѓански објектив е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за долгорочно изборно набљудување. Проектот треба да придонесе кон развој на граѓанското новинарство во земјата.
Намената на проектот е да се идентификуваат и обелоденат случаите на кршење на гласачкото право во интерактивна и динамична активност која ќе ги вклучи активистите за човекови права, медиумите и општата публика, со прибирање фотографски, видео, аудио и пишан материјал, кој ќе послужи како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес.
Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.