Преку граѓанското новинарство граѓанките и граѓаните имаат можност да бидат контролори на работата на државните и локалните функционери и институции и да вршат притисок тие да работат според законите, транспарентно и одговорно. Во период кога се најавува референдум за промена на името, кога се во тек процесите за влез во НАТО и ЕУ, кога низ државата сè почесто има протести, говор на омраза…, граѓанските новинар(к)и се тие кои може да придонесат кон зачувување на мирот и зајакнување на демократските процеси. Како што знаат ЦИВИЛите да кажат: Граѓанските новинарки и новинари се носители на новинарството што известува без страв и без услуги.
Тие што сакаат да дознаат како паметните и храбрите можат да бидат успешни и видливи, да бидат дирекни учесници во новите начини на менување на светот, треба да се пријават на семинарите за граѓанско новинарство кои ги организира ЦИВИЛ.
Ова лето ќе се организираат голем број активности во кои можат да се вклучат граѓанските новинарки и новинари, особено во пресрет на жешката политичка есен, кога тие можат да одиграат важна улога во спроведувањето фер и демократски референдумски процес. Затоа, учеството на семинарите во организација на ЦИВИЛ во претстојниот период е особено важно, бидејќи тие сега ќе вклучат компонента што на учесничките и учесниците ќе им даде пристап кон новите начини на мониторинг на важни настани и процеси, какви што се изборите и референдумските изјаснувања.
Првиот нареден семинар ќе се одржи во хотел Гарденија, Велес, на 28 јули 2018 (сабота) од 11 до 17 часот. Право на учество на семинарот имаат сите полнолетни граѓанки и граѓани од општините Велес, Св. Николе, Градско, Лозово, Росоман, Чашка, Кавадарци и Неготино.
Вториот семинар ќе се одржи во Дом на млади во Штип на 29 јули 2018 (недела) од 11 до 17 часот. Може да се пријават граѓан(к)ите на Штип, Кочани, Радовиш, Пробиштип, Берово, Пехчево, Делчево, Виница…
Познато е дека ЦИВИЛ веќе три години наградува. Секој втор месец се доделуваат награди за најдобрите и највлијателните пет видеа, фотографии или текстови кои објавени на веб страницата за граѓанско новинарство Граѓански објектив.
#ГраѓанскиОбјектив е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот. Овој проект веќе трета година придонесува кон развој на граѓанското новинарство во земјата. Основна цел на проектот е да се придонесе кон транспарентни и одговорни политички процеси, да се зајакне јавната свест на политиките и практиките поврзани со човековите права и слободи.
Д. Муратов