На 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, се отвора ЦИВИЛ ФЕСТ. По тој повод, како и по повод 19 години од основањето, ЦИВИЛ на овој голем датум реши да ги покани сите членови и поддржувачи, соработнички и соработници, граѓански новинарки и новинари, медиуми, невладини организации, уметници, пријателки и пријатели, функционери и анти-функционери, на забава во МКЦ, од 17 до 21 часот.
ЦИВИЛ ги поканува сите споменати и неспоменати, со подеднаква почит и искреност за сите, заедно да го прославиме Меѓународниот ден на човековите права и 19-годишнината од постоењето на организацијата. Може тоа да биде одлична, понеделничка „афтерворк“ диџеј забава на која ќе наздравиме за сите наши заеднички успеси и ќе се сетиме на сите што биле и се со нас сите овие години на борба за човековите права и слободи.
Илјадници луѓе беа и сѐ уште се вклучени во активностите на ЦИВИЛ низ целата земја. ЦИВИЛ останаа доследен на вредностите и заложбите за човекови права и слободи и во најтешките мигови за македонското општество, во години на конфликт, насилства и тензии, во години на автократско и криминално владеење и во години на трансформации. Сите овие години, ЦИВИЛ создаваше простор за слободно изразување и дијалог. Илјадници свесни и совесни граѓанки и граѓани го поддржуваат и му ја подаруваат својата доверба на ЦИВИЛ, што се гледа преку многубројните пораки и присуството на јавните настани на организацијата.
Сите различности ги сплотивме во еден голем, силен и разнобоен ЦИВИЛ. Бевме и ќе останеме во првите редови во борбата за слободно, демократско и праведно општество. Бевме и ќе останеме остри критичари на лошите политики и практики. Ние никогаш не отстапуваме. Ние никогаш не се предаваме! Бевме и ќе останеме ЦИВИЛ засекогаш.
МКЦ, понеделник, 16 часот. Отворање на ЦИВИЛ ФЕСТ – во 13 часот. Целата програма на манифестацијата ОВДЕ.
This post is also available in: Albanian