Во изминатиот период Ромите и ромскиот јазик станаa мета на исмејување, преку ширење на говор на омраза или како што велат релативизаторите (партиските ботови) „само се зезаат“ со техничкиот премиер Оливер Спасовски за неговиот говор на ромски јазик, по повод честитката за 8-ми Април, Денот на Ромите.
Хајката и говорот на омраза започна по колумната на новинарот Драган Павловиќ Латас со наслов - „Набутинавле охохо“, објавена на 25 мај во весникот Вечер, во која го обвинува премиерот Спасовски дека не знае ромски, но дека знае да ги поткупи Ромите да гласаат на избори.
„Можда човекот знае ромски, а не знае влашки, си викам. Ама, кога го гледав како го крши јазикот за денот на Ромите не ќе да е тоа, туку Ромите си ги гледа како пациенти за поткуп на избори а Власите, богами, не се даваат така лесно за кутија зејтин“, пишува Латас.
На „зезањето“ предизборно се приклучи и Антонио Милошоски, член на политичката партија ВМРО ДПМНЕ кој пред четирии дена (додека бил во самоизолација) на својот Твитер профил, сподели видео од две девојки коишто на социјалната мрежа ТикТок танцуваат на ремикс песна (Обиџуко) од говорот на Спасовски. Милошоски објавата ја сподели од Твитер профилот @zlatkothegoldy, кој е веројатно партиски бот, бидејќи постојано споделува соджини со говор на омраза на социјалната мрежа Tвитер, а воедно споделува и објави за поддршка на партијата ВМРО ДПМНЕ.
Помеѓу профилите коишто ја споделиле и лајкнале објавата, можат да се забележат слични профили коишто континуирано шират дезинформации и поттикнуваат говор на омраза.
На Фејсбук страната „Теовел Обиџуко“ има неколку објави видео и фотомонтажи со „зезање“ на премиерот Спасовски. Но, веројатно оваа група не служи само за „зезање“, па може да се најдат и објави против СДСМ.
Но, „теовел зезанцијата“ помалку почнува да си го покажува вистинското лице и намен(р)а. Па така профилот Кубрат Шазивар, сподели објава на профилот ДрнДрнЈариња кој отворено пишува дека ги мрази гадните ц…..и! Додека профилот Курка коментира дека и е слатко тоа што мало и босо циганче си ги лиже мрсулите.
ЦИВИЛ Медиа објави неколку текста за расистичките шеги на сметка на ромскиот јазик, демек обид да се исмее честитката на Оливер Спасовски. „Нормално, тие што исмеваат не знаат ниту збор ромски, освен пар пцовки. А не се исмеваат со Спасовски, туку со ромскиот, нека е јасно. Спасовски е тука само спотер на политичка омраза, преку кој го изјавуваат и својот расизам и ксенофобија. Колку и да го кријат, од некаде ќе излезе. Просто е појако од нив“, пишува активистот Петрит Сарачини, додавајќи дека „помина времето кога се исмевавте со „пониските“ од вас. Сега сме у втора фаза – иде време на соочување, борба на вредности и аргументи. И како што велеше Ганди, на крај, ќе ве победиме!“.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ