Навредлива кампања против актуелниот градоначалник на Град Скопје и кандидат на СДСМ за уште еден мандат Петре Шилегов, која предизвикува коментари со говор на омраза.
Твитер профилот Миринда објави фотошопирана фотографија од Шилегов во која пишува „Пијаницата за Скопје“, со коментар „За кого не треба да гласате на избори“.
Правниот експерт на ЦИВИЛ вели дека ова е невредлива кампања и претставува исмејување на кандидатот.
„Кандидатот може да го пријави твитер профилот, да бара отстранување на навредливата содржина и извинување, а ако сака потоа и судска постапка да покрене“.
Во ваквата навредлива и ниска кампања се вклучи и екс-пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, оперскиот пеач Игор Дурловски кој објави вест од Денешен весник со фотошопирана фотографија од Шилегов со коментар: „Пијан маж, пријавен за исчезнат, се вклучил како доброволец во сопствената потрага“.
Дел од твитерџиите му коментираа дека се работи за фотошоп и дека е лажна вест, но сепак не ја избриша објавата.
Заложбите од Кодексот за фер и демократски избори се само на хартија, додека на социјалните мрежи партиските активисти ги оцрнуваат и навредуваат противкандидатите.
ЦИВИЛ ги повикува партиите да го почитуваат Кодексот што го потпишале и да се фокусираат на понудата до граѓаните наместо на оцрнување на противниците. Воедно, граѓаните се повикуваат да не подлегнуваат на објави од ваков тип, без оглед од која партија доаѓаат, и да се фокусираат на анализирање на понудата на политичките партии и нејзината остварливост за подобрување на нивниот живот и околина.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ