ЦИВИЛ ги повикува претставниците на граѓанките и граѓаните на Република Северна Македонија, да направат одговорен и државнички потег и да го изгласаат Законот за јавно обвинителство. Непотребно е да се нагласува колку е важно да се донесе оваа одлука за македонските стратешки интереси, меѓу кои се владеењето на правото и интеграцијата во ЕУ.
Владеењето на правото наспроти теснопартиските интереси и корупцијата, тоа е денешниот избор.
Денешната одлука на пратениците е една од оние што ќе влијаат на иднината на нашата земја. Тие што ќе ги овозможат реформите во правосудството, ќе овозможат и побрз развој на земјата и отпочнување на процесот на ЕУ интеграција.
Аргументите дека ова не е официјален услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ, не значат ништо. Без оглед на тоа дали е нешто официјален услов или не, пратениците се обврзани да работат за добробит на земјата. Дотолку повеќе што позитивната одлука за овој закон ја охрабруваат сите значајни и прогресивни европски лидери и политички партии.
Најновите пораки од Европа се оние од Европската народна партија и францускиот претседател Емануел Макрон. Повеќе од доволно, овие и сите други пораки од светот се јасна потврда на овие заложби и повикот да се донесе оваа одговорна и државничка одлука.
Дури и да се занемари сето тоа, пратениците треба да бидат свесни дека македонските граѓанки и граѓани очекуваат од своите претставници во законодавниот дом, да работат во полза на интересите на државата. Денеска, на последниот ден од мандатот, од парламентарците се очекува да се спротивстават на интересите на поединци и групи што сакаат да се спасат од правдата и да го вратат криминалното и авторитарно владеење во земјата.