На самиот почеток од изборната кампања, се појавија видео спотовите на политичките партии со кои тие се обидуваат да ги убедат граѓанките и граѓаните да гласаат за нив.
ЦИВИЛ во целост ги поддржува реакциите во јавноста за првиот спот на ВМРО-ДПМНЕ во кој граѓаните се претставени со свиткани рбети, што претставува навреда, понижување, потсмевање, угнетување, деградација и дискриминација на луѓето воопшто, но особено на жените и на лицата со попреченост. На третиот ден од изборната кампања, јавноста имаше прилика да види и втор спот во кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, им нуди иднина на младите преку партиска книшка.
Накусо, во најновиот спот, една млада госпоѓа чекира авионски билет на аеродром за да замине „каде било, само не тука”. Во тој момент, се појавува Мицкоски повторно во улога на спасител, а билетот ѝ го заменува со партиска книшка. Исто како во првиот спот, кога со само еден допир успеа да исправи подгрбавена девојка која турка бебешка количка, што е крајно понижувачки на родова основа.
Во новиот спот, партиската книшка Мицкоски повторно ја враќа во „мода“ и многу јасно, пред целата јавност, дава до знаење дека, ако дојде на власт, партиската книшка повторно ќе отвора и затвора врати. Останува отворено прашањето, дали Мицкоски најавува враќање на старите методи на уцени и закани врз основа на партиска припадност? Легитимни се и прашањата поставени на социјалните мрежи и во јавноста за тоа дали тие што немаат книшка од ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат тука иднина доколку Мицкоски победи на изборите?
ЦИВИЛ најостро реагира на ваквите предизборни спотови кои се истовремено понижувачки за луѓето, а особено за лицата со попреченост и за жените. Ваквите спотови можеби не испраќаат директна порака, меѓутоа во најмала рака поттикнуваат создавање на предрасуди и говор на омразата.
ЦИВИЛ упатува апел до сите чинители во изборниот процес во иднина да внимаваат какви пораки испраќаат со нивните предизборни пропагандни и медиумски продукти. Навреди, понижување, дискриминација, сексизам се крајно неприфатливи начини на политички натпревар!
ЦИВИЛ веќе побара од политичките партии кампањите да ги водат фер, демократски и безбедно, да се однесуваат одговорно кон јавноста и кон законите и демократските стандарди. Од политичките партии се очекува црната пропаганда да ја заменат со позитивни пораки и со идеи кои произлегуваат од нивните програми, за граѓаните да можат да имаат јасна слика за политичката понуда, по што ќе донесат информиран избор на денот на гласањето.
ЦИВИЛ Тим за комуникација