ЦИВИЛ најостро го осудува однесувањето на одредени политички и други структури во земјава во случајот со кочанско Трајаново Трло во кој се препознатливи крајниот расизам и националистичко дивеење. Без оглед на „страната“ од која доаѓаат деструктивните појави во општеството и на политичката сцена, без оглед на тоа дали се работи за политички, етнички или верски мотивирани инциденти, тие не може и не смее да се оправдаат и премолчат.
ЦИВИЛ ги повикува институциите да преземат итни и најостри мерки за санкционирање на организаторите и поттикнувачите на етнички мотивираната омраза и насилство.
Тие што малтретираат деца на таков брутален начин како што видовме на снимката во Кочани мора решително и бескомпромисно да бидат санкционирани според законот. ЦИВИЛ ја поздравува брзата реакција на институциите кои ги пронајдоа и поднесоа кривични пријави за учесниците во насилството врз детето во Кочани. Насилството и говорот на омразата никогаш, под никакви услови, не се соодветен одговор за ништо!
Ваквото однесување во целата земја, а така и во општина Кочани, мора веднаш да престане! Граѓанското општество и јавноста во целост се повикани јасно и недвосмислено да ги отфрлат и да ги осудат говорот на омразата, дискриминацијата и насилството.
Воедно, ЦИВИЛ најостро го осудува и однесувањето на таткото на детето кој на социјалните мрежи се појави со видео во кое, вооружен, се заканува дека ќе се одмазди. Таквите појави и закани се крајно неприфатливи и забранети се со закон. И во тој случај, институциите се повикани час поскоро да го санкционираат таквото однесување.
ЦИВИЛ ги повикува релевантните институции итно и соодветно да го згрижат детето жртва на насилниците.
ЦИВИЛ се залага за општество во кое владеат слободата, еднаквоста и правдата, општество во кое граѓанките и граѓаните се чувствуваат безбедни и имаат доверба во институциите, каде што човековите права се гарантираат со Уставот и законите.
ЦИВИЛ Тим за комуникации
This post is also available in: English