Во пресрет на предвремените парламентарни избори на 15 јули, ЦИВИЛ ги повикува сите учесници во изборниот процес максимално да ги почитуваат добрите изборни практики, демократските стандарди и законските регулативи и да придонесат кон слободни, фер и безбедни избори.
Правото на глас е неприкосновено човеково право и мора максимално да се почитува!
Бараме од политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита од коронавирусот, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулации.
Бараме од партиите, но и од родителите да ги почитуваат правата на децата и да ги остават надвор од политиката! Децата и малолетниците никако не смее да се злоупотребуваат за политички цели и не смее да се вклучуваат во кампањите на политичките партии! За секоја злоупотреба на децата, бараме соодветна законска реакција од институциите и ја повикуваме јавноста остро да ја осуди и отфрли злоупотребата на децата и малолетниците.
Секој обид да се наруши изборниот молк и кршењето на законите и стандардите поврзани со изборниот процес, мора веднаш да бидат сопрени и санкционирани. Не смее да има толеранција за каков и да е притисок, закана или корупција и купување гласови.
ЦИВИЛ ја повикува и ја охрабрува Државната изборна комисија максимално да ги искористи сите свои законски ингеренции и да спроведе законит, слободен, фер и безбеден изборен процес. Ингеренциите на ДИК се високи и таа се наоѓа на врвот на изборниот процес. ДИК не мора да чека приговори и жалби, туку може да дејствува, по допрен глас и според сопствени наоди и мислење. Очекуваме на овие избори тоа и да го стори.
ЦИВИЛ ги повикува членовите на избирачките одбори строго да се придржуваат до мерките за заштита од коронавирусот, а тоа да го бараат и од гласачите, набљудувачите и медиумските екипи. Од избирачките одбори се очекува да покажат одговорност и да ги почитуваат процедурите и Изборниот законик, да бидат љубезни, професионални и достоинствени во спроведувањето на своите задачи на изборниот ден. Ги охрабруваме да не подлегнуваат на евентуалните притисоци и коруптивно делување на одредени партиски структури. За секоја информација која им е потребна, треба да се јават на Општинската изборна комисија или на Државната изборна комисија. Секој обид за притисок врз нив да го пријават во полиција, но и ЦИВИЛ стои на располагање за пријавување на таквите случаи. Воедно, се очекува од сите членови на избирачките одбори да ги почитуваат интегритетот и работата на набљудувачите и на новинарските екипи и под никакви услови да не ги попречуваат во нивната работа.
Ги повикуваме граѓанките и граѓаните да гласаат слободно, според сопственото убедување. Никому не должат ништо. Сè што им ветуваат партиите и кандидатите на било кои избори, всушност, им припаѓа ним, според Уставот и законите на Република Северна Македонија.
Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани кои нема да се најдат на Избирачкиот список, тоа да го пријават кај надлежните, но и во ЦИВИЛ. Доволно е да ни достават име, презиме и адреса на живеење.
Ги повикуваме медиумите да бидат непристрасни и професионални. Новинарките и новинарите во овој период имаат голема општествена одговорност. Ги охрабруваме да бидат на висина на својата задача и да манифестираат максимална професионална и морална одговорност.
Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани да пријавуваат изборни нерегуларности од секаков вид. Притисоци, закани, уцени, корупција, поткуп, злоупотреба на јавните ресурси или службената положба, кршење на изборниот молк, незаконито работење на изборната администрација, агитација и пропаганда, говор на омраза, лажни вести, проблеми со Избирачкиот список, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, можат да го пријават во ЦИВИЛ.
Пријавите може да поднесуваат деноноќно, на веб страницата Слободни избори, по електронска пошта ([email protected]), во порака на Фејсбук или на телефон 02 / 5209 176.
This post is also available in: English